Skip to content

Чекав цела вечност за да те запознаам – Јелена Димитриевска

  • by

Три минути до промена на световите…

Полека симнувајќи една кожа и преминувајќи кон друга, подебела, поотпорна од секој метак, како панцир кој ќе нè штити од светот, најмногу што може и умее.

Твоите очи, две мали зелени очи во кој го гледам цел свет, и она што било и она што е и она што допрва треба да биде.

Ми буди верзии од мене за кои не сум била ни свесна дека постојат.

Мојата прегратка како топла прекривка која те сокрива од секое зло, упорно се обидува да воспостави рамнотежа на твоето срцебиење.

И ти не знаеш, но со секоја прегратка која е наменета за тебе , ти мене несвесно ме лечиш. Стигаш до секој атом на моето постоење и го лепиш како лепак, ги пополнуваш сите дупки кои долго време биле тука, секоја празнина која тежела, сега е неколку грама полесна, сега е пополнета со нешто што живот значи.

Полека ја допирам твојата мала рака, и знам додека заедно наоѓаме вистински пат нема да ја испуштам никогаш, а секој пат кога ти ќе олабавиш стисок јас трпеливо ќе чекам.

Читајќи ти волшебни приказни, во себе длабоко се надевам дека и ќе ги живееме, ден за ден, миг за миг, година по година.

Ќе испишуваме приказни, та ќе грешиме ќе бришеме, па пак одново.

Твојата насмевка ќе нè води, моето искуство ќе ни ги трга сите камења на патот.

Твојата бистрина ќе ни дари светлина, мојата остроумност ќе гледа да ја сочува.

Твојата среќа како ѕвезда водилка ќе нè надополнува.

И да секогаш ќе бидеш моето сѐ.

Она што не сум знаела дека ми треба, а ме пополнува целосно.

Она што и пред да го запознаеш, го сакаш најмногу.

Копнежот и љубовта кон тебе сум ги прикривала низ векови.

Чекав да те запознаам иако не знаев дека чекам.

Мојот не толку мал универзум.

Моето сѐ.

Мојот Олег.

Напишете коментар