Skip to content

Избор турска поезија од Фазил Хисни Дагларџа

Фазил Хисни Дагларџа (Истанбул, 26 август 1914 – Истанбул, 15 октомври 2008). Тој важи за еден од најафирмираните и најплодни турски поети со повеќе од 60 издадени збирки песни до 2007 година. По завршувањето на Воената академија како пешадиски офицер петнаесет години се наоѓа на служба во разни места на својата земја. Потоа некое време работи како инспектор по труд во Министерството за труд. Во 1959 година во Истанбул отвара своја книжара и издава едно месечно списание. Неколкупати има учествувано на Струшките вечери на поезијата. Во 1974 година му е доделен златниот венец на оваа меѓународна поетска манифестација.

ДА СЕ ОБЈАСНИ СЛОБОДАТА

Ти не си тигар, не си хиена
Ти си птица
Рамна на движењето на небото
Штом летнеш ќе заборавиш
Дека си еден декa си илјада дека си милион.

Ти не си поле, не си планина
Ти си птица
Во твоите крилја да се биде слободен
Во твоите крилја уште да се живее
Значи да се гледаат пресушени реки.

Ти не си споменик, не си земја
Ти си птица
Во твоите погледи влегла сината боја
Носејќи го човекот кон вистината и светлината
Леташ полетуваш.

ВИЕЊЕТО НА СТАРОТО ДРВО

Децата повеќе не ме каменуваат
Вљубените не врежуваат срца по мене
Јас дрво без лисја
Едно од измамените.

На сред бел ден врежувајќи ја смртта
Моите црни гранки во големото синило
Јас дрво без лисја
Сонот ми доаѓа сè поблизу.

Не знаат бескрајните полиња
Не разбира птицата што слетa на новите води
Јас, дрво без лисја
Се нишам на земјата.

МАЛА ПРИКАЗНА

Ние двајцата
Бевме како крилјата
На една птица

Каде ќе стасаше
Во синилата
Можеби во бескрајот кој знае

Сега секоја ноќ
Црната планина со болка ја следи
Еднокрилата птица што сака да лета.

Напишете коментар