Skip to content

Стихови од „ХИПЕРБОРЕЈА“ (2023) од Блаже Петревски – Ендемион

Блаже Петревски – Ендемион е автор е на две стихозбирки: „Врвот Дно“ (2023) и „Хипербореја“ (2023) во издание на „Академска Мисла“ – Скопје. Поетската книга „Откровение“ 2023 е негова трета стихозбирка. Дел од неговата поезија е застапена во меѓународната антологија на германски јазик. Во продолжение прочитајте ги стиховите извадени од збирката „Хипербореја“.

7.

Наметни ќебе од штитови
Ко Ахила во Троја
Од гневот негов мечот нека ти го скројат
Војсководецу на светлините
Затвори ги океаните со катанец од пена
Врзи ги планините со јаже од виножито
Запали го небото од златен прав
По занес врел Промотеј брат мој е
Со факелов освојував спомени во ноќта
Во старата куќа од соништа болна
Сред радосна планина зеленило полна
Градиве ги полнам со тишина јасна
Во зелена вечер пркосно страсна

22.

Од длабочината на зраците
Во сјајот што зеленее
Од здивот на почетоците
Во колебливост што венее
Извадете ме и покажете ме
На плоштадот како натрапник
Како луд ветар во глава што вие
Како генерал на армија од стихови
Од жежок врисок на посекотина
На ранета надеж во новите зори
Од каде што извира мојата крв
Чекан меч и светлост сплетена од молњи
Носам јас во раце и сечам идни векој
На јато мртви птици и врисоци во екот
Онемени во гласната музика на цветот
Извор на крв од различности збрани
Се провлекува во лаеж низ патеката жешка
Во сплетени искри од исповед тешка
Со мечот го кинам јавето и бегам
Во планина од булки на црвени јата
Од каде што извира мојата крв
Сметилиште на светов станав
Со свето вино планините ги опив
Се изгубив во пијаните звуци
Не чекај идам од минато време
Преку сегашноста во новото утре
Така крилест во жилите во вените
Од каде што извира крвта на Мените

26.

Од премногу ревност се запали потта
Под коските огнот личи на дете
Дајте оган оган и сјај што се пие
Мојот пев од реткости во камбана бие
Слободата е празник во окови што слави
Секој миг е празник низ денот што се влече
Како беден старец со жезол од злато
Низ градови што шета и времето го врза
За сегашност каде сегашноста е Сега
Кај три пати се враќаш
Од себе кога бегаш
И сенката ја влечеш во раката своја
Во думи и занес дали е твоја
На два три тајни збора – да не е моја?
Клупата во паркот очекува некој
Разговор да остане в уста да спие
Од минатите века иднината ја крие
На челото мојот огнен меч зрачи
Кој светлини кине низ бура што јачи

Напишете коментар