Татко ми е роден на 15 септември 1937 година, на железничката станица во Сталаќ. Во вагон. Куќата ни е во Горно маало, беше и тогаш. Во тоа време жените се породуваа дома, а во разговорите со татко ми никогаш не добив прецизно објаснување што барала баба Љуба таа ноќ на станицата, дали тргнала некаде, или од некаде се враќала, само – се породила на станицата.
На истото тоа место, на сталачката железничка станица и на истиот ден 15 септември, само нешто малку повеќе од половина век подоцна, првпат ја видов девојката која после ќе ми стане жена и мајка на моите деца.
Стоев точно на пунктот каде, по кажувањата на тато, се наоѓал тој вагон во кој баба се породила. Девојката (дали, изгледаше сериозно како омажена жена и невина како девојченце) доаѓаше од левата страна. Двајцата, очигледно, чекавме воз за Крушевац.
Беше необично убава и необична, воопшто. Некако се гледаше дека е овдешна, но сепак во неа имаше нешто изразито странско. Прво помислив дека е од Швајцарија (неутрална проекција на несекојдневната светска слика) па се прашав: дали со оваа треба да се разговара на англиски, него сите го разбираат.
И тогаш јас, млад и зеленкаст, но, изгледа, не баш безопасен, јас, кој до камче го познавав секој перон не сталачки, туку од Белград преку Младеновац, Велика Плана, Јагодина, Ќуприја и Параќин, преку Крушевац, Трстеник, Врњачка Бања, па до Краљево, Чачак, Пожега и Ваљево, а возниот ред го познавав подобро од новата и од старата српска поезија – веднаш ѝ пријдов и ја прашав: „Извинете, каде стои шинобусот за Крушевац?“
Ми одговори доста ладно, едвај погледнувајќи ме, како да виде дека знам, а се правам дека не знам. После се сретнавме седум дена подоцна, на 22 септември, на роденденот на Билбо и Фродо Багинс, во кафулето во зградата на сталачката станица. Но тука веќе може да се каже дека таа ја презеде одговорноста за понатамошниот развој на настаните: јас седев на шанкот, таа на првата маса, се насмевна и ме праша дали би можел да ѝ дадам кибрит, и после веќе, што би се рекло, Константинопол мораше да стане Стамбол.
Денес сталачката станица не е жива како тогаш. Не е, меѓутоа, ни мртва. Има и многу графити. Покрај хипи знакот и натписот „Peace“, пишува, на кирилица, „Делии Север“. Блиску до него е графитот „Алкоси“ (исто кирилица). Долу малку пониско, на магацинот и „Партизан“ доби свој простор: „South Side“, „Цицај Ѕвездо“, а тука е и ракописот на нашиот помлад син, ракописот односно спрејописот „Шумице ПФК“. Му благодарам на Бога, на кирилица се изразило тоа момче, сега веќе младич, единствениот партизановец во нашата голема ѕвездашка фамилија.
Кога се самопрокламира во гробар, веројатно јас бев единствениот кој почувствува симпатија: во суштина, црните овци ги сакам затоа што и самиот сум црна овца, па црните овци ми се драги и кога се црно-бели. Ги гледам и останатите графити: „Те сакам“ (латиница), „Stalać Paradise, Stalać Ghetto“, „М + С (и прободено срце)“ и некои стихови расфрлени помеѓу гробарските пароли; еден вели: „Тешко е кога ќе ти ја одземат љубовта.“
Превод на Татјана Маженковска.