Skip to content

Познати личности со психички нарушувања кои отворено зборуваат за нивната борба со менталното здравје

Психичките нарушувања не ги заобиколуваат ниту познатите личности кои отворено зборуваат за нивните потешкотии и борба. Нарушеното ментално здравје не им се случува само на обичните луѓе туку тоа може да се наруши секому. Некои од најпознатите и најсупешните ѕвезди во музичката и филмската индустрија страдале од психичко нарушување, како и јавни фаци од други индустрии. Прочитајте во продолжение кои познати личности имаат проблем со менталното здравје.

Мараја Кери (Биполарно нарушување)

Мараја изјавила дека ја криела својата дијагноза цели 17 години бидејќи се плашела дека тоа ќе ѝ ја уништи кариерата. Во 2001 година завршила во болница по нервен слом и психичко истрошување кога била дијагностицирана со биполарно нарушување. Оваа болест се карактеризира со екстремно добро расположение и позитивна енергија следени од друга крајност како депресија и губење мотивација.

Леонардо Дикаприо (Опсесивно-компулсивно нарушување)

Ова нарушување се карактеризира со повторувачки и вознемирувачки мисли проследени со ритуали кои мора да се завршат со цел да смири личноста која страда од оваа психолошка состојба. Дикаприо изјавил: „Се сеќавам кога моите мејкап артистка и асистентка одеа покрај мене кон сетот и велеа, ‘Ох Боже, ќе ни требаат 10 минути да го одведеме таму бидејќи тој мора да оди наназад и да згазне на она нешто, да ја допре вратата, да влезе и повторно да излезе.’“

Џ. К. Роулинг (Депресија)

Познатата писателка признала дека после разводот од нејзиниот прв сопруг останала без пари, била во депресија и имала суицидни мисли. Нејзината ќерка и нејзиниот лекар ја спасиле. Роулинг ја опишала депресијата како отсуство на какви било чувства, како и губење секаква надеж дека некогаш ќе се чувствува подобро.

Дејвид Бекам (Опсесивно-компулсивно нарушување)

Кога Бекам влегува во хотелска соба тој не може да се опушти сè додека сите работи не се на своето место. Сите нешта во неговиот дом мора да се наоѓаат на своето место, вклучувајќи ја и храната во фрижидерот. Во документарецот за неговиот живот заедно со Викторија Бекам има сцена каде ја покажува облеката во плакарот која уредно е наместена според боја и материјал. Јавно изјавува дека има опсесивно компулсивно нарушување на кое со текот на времето се навикнал.

Бијонсе (Нарушено ментално здравје)

Бијонсе страдала од постојано чувство на вина, немала време за себе, чувствувала хроничен замор, а често во текот на турнеите не знаела ниту во кој град се наоѓа, а концертите ги одржувала механички. Прва којашто забележала дека нешто се случува со пејачката била нејзината мајка па таа ја советувала да побара помош.

Адел (Панични напади)

Во приватниот живот Адел често имала панични напади, а во одреден момент тоа ја довело до хистерија и паника. Одреден период секој ден редовно разговарала со психолог и го надминала стравот од јавни настапи. Сега научила како да се справува со нејзината состојба и продолжува да ги изненадува фановите со нова музика.

Деми Ловато (Биполарно нарушување тип 2 и Булимија)

Ловато ќе изјави: „Се сеќавам дека седев со мојот менаџер и моето семејство и разговаравме за тоа дали јавно да ги споделам проблемите со кои се соочувам. Знаев дека постојат две можности: или немаше да зборувам за мојата рехабилитација и ќе се надевав дека сè ќе исчезне или ќе зборував за неа и ќе инспирирав многу луѓе да побараат помош за нивните проблеми, па токму тоа и го направив.“ Ловато има дадено многу изјави за нејзината борба со ова нарушување. Познатата пејачка страдала и од нарушување во исхраната (булимија). Сега таа често спортува и со физичка активност си помага себеси во надминување на негативното расположение.

Вил Витон (Хронична депресија и генерализирано нарушување на анксиозноста)

Вил Витон е американски актер и писател. Најпознат е по тоа што го портретираше Весли Крашер во телевизиската серија Ѕвездени патеки: Следната генерација. Тој ќе изјави „Живеам со хронична депресија и не ми е срам од тоа“.

Кетрин Зета Џонс (Биполарно нарушување вид 2)

Убавата глумица во рок од 2 години два пати одела на лекување во психијатриска установа. Нејзиниот сопруг Мајкл Даглас дал јавна изјава кога Кетрин завршувала со рехабилитацијата и рекол дека е многу горд на неа. Кетрин има изјавено дека ова нарушување „ја следи од раните дваесетти години“.

Лејди Гага (Депресија)

Поради постојаните болки кои ги има поради фибромијалгијата, но и поради нападите на паника популарната пејачка страдала од депресија.

Бритни Спирс (Нарушено ментално здравје)

„Кршењето“ на Бритни се случуваше пред очите на целата јавност. Таа признала дека била под огромен притисок уште од детството бидејќи од неа се очекувало да биде ѕвезда. Токму тој притисок ѝ донесе сериозни ментални нарушувања.

Кери Фишер (Биполарно нарушување)

Кога актерката имала 24 години ѝ било дијагностицирано биполарно нарушување, но таа не можела да го прифати сè до 29 години кога се предозирала. Тогаш увидела дека ништо друго не може да го објасни нејзиното однесување. Пред нејзината смрт во 2016 година, таа беше една од највидливите застапници и гласни говорници за биполарно растројство и искрено зборуваше за сопственото искуство со менталната болест.

Адам Левин (Синдром на дефицит на вниманието и хиперактивност)

Овој американски пејач и музичар, член на поп рок групата Maroon 5 страда од синдром на дефицит на вниманието и хиперактивност. „Кога прв пат ми дијагностицираа синдром на дефицит на вниманието и хиперактивност, тоа не беше големо изненадување бидејќи имав потешкотии при фокусирањето во средно училиште. Исто така мислам дека и ден-денес луѓето секојдневно го забележуваат овој синдром кај мене. Кога не можам да обрнам внимание, навистина не можам да обрнам внимание“, изјавил пејачот.

Шинед О’Конор (Биполарно нарушување)

Оваа композиторка и пејачка беше дијагностицирана со биполарно растројство на 37 годишна возраст. Во шоуто на Опра Винфри во 2007 година таа отворено зборуваше за живеење со оваа состојба. O’Конор изјавила: „Секоја пора од вас плаче, а не знаете ни зошто“. “Јас, всушност, умрев и повторно се родив како резултат на земање лекарства и добив шанса, повторно да изградам живот”.

Ема Стоун (Генерализирано анксиозно нарушување)

Уште од нејзина 7-годишна возраст актерката страда од панични напади. Таа изјавила дека уште како дете страдала од анксиозност и посетувала терапевт. Во една прилика ќе рече: „Среќна сум што како мала не знаев дека имам сериозно нарушување“.

Кајне Вест (Биполарно нарушување)

„Има некои случаи на биполарност, каде луѓето се во депресивна фаза, јас сум тој што е на високо, енергично ниво“, изјавил Вест. Тој додава дека кај него нема екстремни периоди на депресија. Два месеци откако го издаде својот соло албум YE, се отвори јавно и зборуваше искрено за тоа како состојбата влијае на неговиот живот. Неговото растројство го нарекува негова „суперсила“ како што ќе изјави во интервју за Џими Кимел.

Рајан Рејнолдс (Анксиозност)

За време на снимањето на филмот „Дедпул“ (Deadpool) неговата анксиозност го достигнала врвот. Актерот бил загрижен дека ќе ги разочара фановите бидејќи се работело за голем проект. Не можел ни да спие поради анксиозноста. Тој доживеал нервен слом, а лекарите и неговата сопруга му помогнале да се справи.

Мајкл Фелпс (Дефицит на внимание со хиперактивност и депресија)

Легендарниот пливач и најтрофеен олимпиец на сите времиња, откри дека низ животот се борел со депресија, што во еден момент го довело до раб на самоубиство. Ќе каже „Многу сум благодарен што не си го одзедов животот“.

Кејти Пери (Депресија)

Таа се чувствувала многу лошо по неуспехот на нејзиниот албум „Witness“, а проблемот го решила така што своето незадоволство и разочарување ги споделила со психијатар кој ѝ помогнал да се извлече од кризата.

Селена Гомез (Биполарно нарушување и автоимуна болест – Лупус)

Младата пејачка проговорила за својата борба со биполарното нарушување откривајќи дека била во четири центри за лекување. Во докуементарецот “My Mind & Me“ им ја отворила душата на фановите и раскажала како изгледал “мрачниот период во нејзините рани дваесетти“.

„Немам што да сокривам, бев во четири центри за лекување. Во раните дваесетти почна мрачниот период во мојот живот, кога повеќе не можев да ги контролирам своите емоции. Тогаш почна мојата депресија поради која целосно се изолирав“, открива пејачката.

„Мислев дека светот ќе биде подобро место без мене“. Селена открила дека имало денови кога немала сила да стане од кревет. Не сакала со никого да разговара. Пријателите ја посетувале и ѝ носеле храна, но никој не знаел што се случува. „Лекарите постојано ми ги менуваа лековите. Не знаев кај се наоѓам“, рекла Гомез. Поранешната ѕвезда на Дизни во документарецот открива и како изгледал нејзиниот престој во установите за ментално здравје. „Лекарите постојано ми ги менуваа лековите во надеж дека нешто ќе помогне. Во еден момент повеќе ништо не чувствував. Имав чувство дека повеќе не постојам, како да сум исчезнала“, опишува пејачката.

Гомез првпат го споделила јавно своето психичко нарушување во 2108 година после пријава во установа за ментално здравје.

Кристен Бел (Депресија и анксиозност)

Во текот на едно интервју, ѕвездата на „Frozen“ ја отворила темата за своето предизвикувачко патување со депресијата и анксиозноста. Рекла дека поради земање лекови за подобрување на менталното здравје никој не треба да се срами. И додала: „Никогаш на дијабетичарите не би им ускратиле инсулин, но поради некоја причина кога некому ќе затреба инхибитор за серотонин, тој тогаш одма е луд или нешто слично“.

Џим Кери (Депресија)

Актерот и комичар Кери страдал од депресија откако неговиот втор брак завршил со развод. Бил на антидепресиви некое време, но на крајот престанал да ги зема лековите и повторно го вратил својот живот на вистинскиот пат. „Морате секој ден да станете од кревет и да си речете дека животот е добар. Тоа го направив иако на моменти ми беше многу тешко“, ќе изјави глумецот во едно интервју.

Елен Деџенерис (Депресија)

Проблеми со менталното здравје имала и познатата водителка. Откако во 1998 година ја признала својата сексуална ориентација нејзиниот популарен ситком е откажан. „Ја изгубив својата емисија. Бев нападната жестоко. Од заработување многу пари не заработував воопшто. Кога излегов од студиото после пет години напорна работа знаејќи дека ме третираа со толку непочитување од причина што сум геј, едноставно паднав во длабока депресија“. Поради нејзиниот дух познатата комичарка им се спротивставила на сите предизвици кои ја снашле и продолжила да работи во телевизиската индустрија и постигна огромен успех.

Хју Лори (Нарушено ментално здравје)

Сестраниот уметник (англиски актер, комичар, писател и музичар) има слична мрачна страна на својата природа и важи за една од најпознатите личности со проблеми со ментално здравје. „Можам да разберам дека тоа луѓето го сфатија како слабост на повеќе нивоа, но пред сè, јас сум причино среќен што сум тука каде што сум, што го работам она што го работам и што живеев живот којшто го живеам. Благодарен сум на тоа секој ден“, рекол актерот во интервју кое е објавено на порталот “Celebitchy“.

Метју Пери (Нарушено ментално здравје поради алкохолизам и дрога)

Метју Пери познат и како Чендел Бинг кој трагично загина минатата година повеќе од една деценија забавуваше многу генерации, а никој не знаел дека тој самиот минувал низ мрачно време поради зависност од алкохол и дрога. „Обидот да се преживее зависноста е еден од најтешите работи за една личност. Фактот дека морав тоа да го правам под лупа на таблоиди во почетокот беше уште потешко“, изјавил популарниот актер.

Анџелина Џоли (Депресија)

Пред да добие оскар, Џоли страдала од депресија. Дури признала и дека ги сечела вените и изнајмила некој за да ја убие. Иако ги победила своите демони откако успеала во Холивуд, прераната смрт на нејзината мајка повторно ја довела до раб на депресија, против која се борела преземајќи физички предизвикувачка главна улога во акционен филм. Актерката во нејзината храбра изјава ќе рече: „Чувствував дека одам на многу мрачно место и не бев способна да станам наутро, па се пријавив за нешто што би ме натерало да бидам активна“.

Жан-клод Ван Дам (Биполарно нарушување)

Во 2011 година познатата ѕвезда на акциони филмови открила дека му е дијагностицирано биполарно нарушување.

„Понекогаш ќе ти се допаднам, а понекогаш ќе ме мразиш. Но што да правам? Не сум совршен. Јас сум екстремно биполарен и земам лекови за ова…Кога бев млад страдав од тие промени на расположението. Наутро небото беше сино (кога одев на училиште), а мене небото ми беше црно. Бев толку тажен“, рекол актерот.

Бред Пит (Депресија)

Во 90-тите неговата депресија го влечела кон интензивно користење марихуана. Додека патувал во Казабланка, Пит бил сведок на целосна сиромаштија и конечно сфатил дека треба да бара медицинска интервенција. Од тогаш успешно ги победил зависноста и проблемите со менталното здравје и станал еден од најпопуларните холивудски актери.

Риз Витерспун (Нарушено ментално здравје)

Оваа американска актерка и продуцент е една од најомилените познати личности кои има проблеми со менталното здравје. Се омажила во раните дваесетти и поминала низ тежок развод во 2007 година. Актерката признала како ја поддржувале пријателите во текот на тој мрачен период од нејзичниот живот. „Дојдоа, ме подигнаа, ме ставија под туш, ме облекоа, ги одведоа моите деца во училиште, ми донесоа вечера“, рекла во едно инервју. На крајот, после долга и тешка борба, повторно ја презела одговорноста за својата среќа.

Двејн Џонсон (Депресија)

Познатиот актер открил за својата борба со ментална болест. Еден од најплатените холивудски ѕвезди отворено зборувал за својата депресија. „Ми требаше многу време за тоа да го разберам, но клучот е да не се плашам да се отворам. Особено ние момците имаме тенденција да го чуваме тоа за себе. Не сте сами“, рекол во едно интерјву.

Хајден Панетиер (Постнатална депресија)

Актерката за нејзината постнатална депресија изјавила: „Постојат многу недоразбирања – има луѓе кои сметаат дека тоа не е вистинско, дека не постои, дека нешто е измислено во нивните умови или пак, дека хормоните се виновни. Па, го отфрлаат. Но, тоа е нешто што не може да се контролира. Навистина е болно и навистина е страшно и на жените им е потребна голема поддршка.“

Џеред Падалеки (Депресија)

Акерот страда од депресија, а во една прилика рекол: „Дијагнозата за депресија ме удри како торба со цигли. Мислам, имав 25 години. Имав сопствена ТВ серија. Имав кучиња кои ги сакав и тон пријатели, додека истовремено добивав восхит од фанови и бев среќен со мојата работа. Но, нешто немаше смисла и не можев да сфатам што. Депресијата не ги напаѓа само оние кои не можат да најдат работа или не можат да се вклопат во општеството.“

Како што можете да забележите листата на познати ѕвезди кои страдаат од нарушено ментално здравје е голема. Успехот ниту популарноста не се фактори кои спречуваат појава на некоја болест. Познатите зборуваат отворено за нивната борба во надеж дека ќе им помогнат на останатите во нивната битка со нарушено ментално здравје.

Прочитајте и 5 брилијантни писатели со ментално нарушување.

Напишете коментар