Skip to content

Сонот на жената – Софија Величковска

Дај ѝ  малку време,
да си ја проточи судбината,
да си го прогони сонот,
да си ја избледи дамката,
испере и сокрие,
оти е жена,
а на жената и не ѝ треба многу време.
Дај ѝ малку време,
од тебе да направи принц,
кој не, нема да ги исполнува нејзините
желби проткаени само со најскапите
бедни подароци,
дај ѝмалку време,
да ја запознаеш и да сфатиш дека нејзината улога е да биде храбра,
а не си ѝ ја доделил ти таа круна.
Туку животот.
Сонот на жената не си ти.
Не си ти кој ѝ ја уриваш имагинацијата за подобро утре,
за сакање, гушкање и топење во бескрајните облаци на нејзината душа.
Сонот на жената е да успее сé да спои.
Да се избори и тогаш кога сите,
ама баш сите часовници застанале,
кога денот изгубил боја,
кога телото ѝ се распаѓа од умор,
а душата од болка.
Сонот на жената е да те убие тогаш кога ќе помислиш дека ти се препуштила
и дека е твоја.
А не е.
Силната жена никогаш нема да дозволи да биде нечија,
да биде робинка.
Сонот на жената е целиот живот да го стави во машина за перење
и да го промени од корен.
Да живее онака како таа сака, а не ти како што ќе ѝ ги подредиш коцките.
Сонот на жената е беспрекорното владеење на нејзината самодоверба,
во секој дел од нејзиното кротко нежно тело да почувствува своја сигурност.
Сонот на жената е никогаш да не престане да се бори, да урива, да губи, да се издига од пепелта, да плаче, да се смее и да сака.
Ама и да ја сакаш.
Сонот на жената е само да ја сакаш.
Толку лесно.
Толку наивно.

Напишете коментар