Можам јас, ако треба,
и планини да прескокнам
во еден единствен скок,
можам јас.
Можам јас, ако треба,
и песна да напишам,
со неа како со оружје да се борам,
можам јас.
Можам јас, ако е потребно,
на другите приказни да им кажувам,
можам јас ако треба и да лажам,
но себе не.
Можам јас, ако треба,
очи да затворам,
ако треба можам и уста да затворам,
но не можам во срцето да не те носам.
Еве, наскоро и зимава ќе помине
и овој јануари ќе си оди
а ова мое осамено срце заради тебе
во тој ониричен свет останало и корен пуштило,
и сонува за една пролет кога рамениците ни беа голи
а нозете боси чекорат во утрото на младото лето
каде нашите раце се испреплетени околу сонцето.
Но, ќе помине и овој сон и овој ден, и ноќ ќе дојде.
Јас ќе зачекорам во длабока шума.
Јас тишина ќе можам да слушнам,
само темнина ќе можам да видам
заради тебе, љубов моја.
Можам јас, ако треба,
и големата вода да ја изодам.
Ете, ако треба,
и тагата да ја убијам можам.
Можам јас, ако треба,
и небото да го освојам.
Можам јас,
ЗА ТЕБЕ.
Слушнете како звучи „За тебе“ прочитана од Лепосава Поповска на видеото подолу.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.