Skip to content

Фредерик Мистрал – Нобеловец кој пишувал на провансалски јазик

Жозеф Етјен Фредерик Мистрал (8 септември 1830, Мајан, Франција – 25 март 1914, Буш-ди-Рон, Франција) e француски писател, филолог и лексикограф на провансалскиот јазик.

Починал на денешен ден во Буш-ди-Рон, Франција.

Мистрал бил член и основач на движењето „Фелибриж“, член на Марсејската академија, на Академијата на Флоралиите во Тулуза и лауреат на Нобеловата награда за литература во 1904 година, за своето дело Миреј, напишано на провансалски јазик. Неговото име на провансалски е Фредери Мистрал или Мистрау.

Животопис

Мистрал е роден на 8 септември 1830 година во Мајан (Maillane), во департманот Буш-ди-Рон. Тој бил дете од добростоечко домаќинско семејство. Неговите родители, Франсоа Мистрал и Аделаида Пулине, биле во роднински врски со најстарите семејства во Прованса: Кривелје, Експили, Ру родени Руфо ди Калабрија, кои биле тесно поврзани меѓу себе. Мистрал го носел името Фредерик во спомен на „некое сиромашно момче кое во времето кога татко му и мајка му се ‘вљубиле’ ги пренесувало нивните љубовни пораки, но по извесно време починало од сончаница.“

Мистрал тргнал на училиште во Мајан на седум години. Тој ја посетувал шумската школа, како што раскажува во Спомени и раскази, кога берел водени лилии за својата мајка. Во 1839 година, го запишале во пансионот на опатијата Сен-Мишел-де-Фрижоле каде што учел само две години, затоа што училиштето било затворено, а потоа бил запишан во пансионот Мије во Авињон. Во 1845 година, бил сместен во пансионот Дипуј; тука се запознал со Жозеф Руманиј.

Кралскиот колеџ во Авињон го носи неговото име

Во тој период, учел во Кралскиот колеџ во Авињон, во улицата што го носи името Фредерик Мистрал, и во 1847 година матурирал во Ним. Бил одушевен од Француската револуција од 1848 година и од Ламартин. Таа година ја напишал Жетви (Li Meissoun), грегоријанска песна во четири пеења која не била објавена.[9] Неговото семејство сакало да стане адвокат и затоа тој студирал право во Екс-ан-Прованс од 1848 до 1851 година, кога завршил правен факултет и добил диплома.

Потоа, тој станал поет на независноста на Прованса и особено на провансалскиот јазик, „првиот литературен јазик на цивилизирана Европа“. Во текот на своите студии на правниот факултет тој ја учи историјата на Прованса што некогаш била независна држава. Еманципиран од својот татко, тој носи одлука „да го подигне, да го оживее во Прованса национлното чувство (…); да ја поттикне ренесансата со воведување на мајчиниот јазик во тој крај(…); провансалскиот да биде на мода преку пламенот на божествената поезија“. За Мистрал, зборот „нација“ означувал „луѓе поврзани со јазикот, вткаени во една земја и во една историја“.

Мистрал ја добил Нобелова награда за литература во 1904 година заедно со Хосе Ечегарај. Целиот износ од наградата го дал за изградба на Арлежанскиот музеј во Арл.

Творештво

Мистрал оставил обемно творештво, кое по својата тематика е регионално, но со својата убавина и ведрина ги надминало провансалските и француските граници и станало дел од светската книжевност. Неговото најважно дело е поемата „Миреј“ која претставува епопеја на руралната Прованса, како и епот „Календау“ (Calendau или Calendal) во кој е опеана приморската Прованса. Исто така, позната е неговата збирка со лирски песни, „Златните острови“ (Lis Isclo d’or).

Лексикографија

Мистрал е автор на Провансалско-француски речник (1878-1886), кој до денеска е најбогатиот речник на провансалски јазик и со најточни одредници. Тоа е двојазичен речник во два големи тома, кој ги опфаќа и дијалектите на провансалскиот јазик. Речникот е направен со поддршка на локални соработници и за секој збор дава варијанти од самиот провансалски, потоа превод на главните романски јазици како и соодветни изрази и цитати за определен збор.

Напишете коментар