Skip to content

Ако сакаш да ме израдуваш – Слаѓана Ставрева

Ако сакаш да ме израдуваш

напиши ми ја

најтривијалната, љубовна реченица

на мало парче хартија

скинато од некоја тетратка

и капни врз него

една капка од твојот парфем,

па испрати ми го

по некое непознато дете,

на кое за награда

ќе му дадеш сто денари.

Ако сакаш да ме израдуваш

остави на мојот праг роза,

која попатно ќе ја украдеш

од дворот на некоја туѓа куќа.

Ако баш сакаш да ме израдуваш

сочекај ме на некој агол, на улицата

и гушни ме

без ни еден изречен збор,

држејќи ме неколку мига цврсто крај себе.

Улови ми го погледот на некој собир,

помеѓу многу други

и насмеј ми се тогаш со твоите очи,

и потоа полека со твојот кажипрст

помилувај ги своите усни,

како моите да ги галиш.

Ако навистина сакаш да ме израдуваш

дојди и застани насмеан пред мене,

погледај ме како да сум единствена на светот,

како да сум твоја најголема љубов.

Земи ми го лицето помеѓу своите дланки

и дури го држиш, љуби ме нежно.

Напишете коментар