Skip to content

На денешен ден бил роден Жак Превер

На 4.2.1900 г. бил роден Жак Превер, на француски: Jacques Prévert кој бил истакнат француски поет, претставник на надреализмот и симболизмот. Важи за најпопуларниот стихотворец на сите времиња по Беранже и Иго.

Анархист, одметник и сонувач, Превер во својата хуманистички ангажирана лирика зборува за животот во различните негови аспекти. Своевиден моралист и критичар на општеството, Превер укажува на сѐ уште можните простори за човекова среќа која малограѓаните, клерикалците, милитаристите и политичарите постојано ја загрозуваат. Наречен е и “поетот на Париз”.

Неговата поезија е мошне едноставна и разбирлива, полна е со народна лексика и изрази земени од секојдневниот живот од вистинските, среќни или несреќни, драматични или комични судбини на луѓето. Тој со својот слободен стил се спротиставува на поранешниот донекаде вкочанет и извештачен поетски јазик и стил.

Тематскиот круг на неговата поезија е мошне широк: од љубовната среќа и радост, од животните надежи, до очајот, недовербата, болеста, заморот и смртта. Сепак, центарот на сѐ е љубовта, нејзината магија и моќ, нејзината нежност и жестокост, тграгичните или хумористичните страни како и нејзината вечна привлечност.

Првата Преверова збирка песни „Зборови“ (франц. Paroles) објавена во 1945 година постигнала незапамтен успех: во краток период продадени се 150.000 примероци!

Од смртта на Виктор Иго до Превер, Франција немала повистински народен поет, кого подеднакво го сакаат и рафинираните љубители на поезија и луѓето со скромно образование.

Во негова чест ја споделуваме неговата песна „Барбара“.

Барбара

Се сеќаваш ли Барбара

Врнеше без престан

Врз Брест тој ден

А ти одеше насмеана

Наврната зрачна маѓепсана

Под крупните капки на дождот

Сети се Барбара

Те сретив во улицата Сијам

Се смееше

И јас се смеев

Се сеќаваш ли Барбара

Не те познавав

Ниту ти мене

Се сеќаваш ли

Се сеќаваш ли на тој ден

И не го заборавај

Еден човек в некој порти

Засолнет

Го викна твоето име

Барбара

А ти отрча кон него низ дождот

Наврната зрачна маѓепсана

И му се фрли в преграб

Се сеќаваш ли Барбара

Не се лути што ти велам ти

Оти ти му велам на секој што го сакам

Па макар само еднаш да сум го видел во животот

Оти ти му велам на секој што го сакам

Па дури и да не го познавам

Се сеќаваш ли Барбара

И никогаш не заборавај го

Тој дожд толку благ и среќен

Врз твоето среќно лице

Врз тој среќен град

Тој дожд врз морето

Врз арсеналот

Врз бродот од Цесан

Ох Барбара

Свинштина е оваа војна

И што е со тебе сега

Под дожд од железо

Оган челик и крв

А оној што те стегаше в преграб

Вљубено

Дали умре го снема или е уште жив

Оф Барбара

Сѐ уште врне врз Брест

Како што врнеше некогаш

Но не е исто оти сѐ е урнато

Тоа се само посмртни капки дожд

Ужасни и очајни

А не е ниту оној потоп веќе

Од железо челик и крв

Туку просто дожд од облаците

Кои ги снемува како пци

Како пци кои ги носи

Водената струја од Брест

Да изгнијат некаде далеку

Многу далеку од Брест

Од кој ништо не останало

На овој линк сме ја објавиле неговата песна со наслов „Песна на клучарот“, кликнете за да ја прочитате.

Напишете коментар