Гледам, а како слепа да сум. Како да ме штипкаат да се разбудам од сонот, но јас одбивам па барам уште малку. Ми застуди. Ги тријам дланките, но ветерот носи сè пред себе. Гледам молњи како го расекуваат небото, без жал и сурово. Каде ли сум? Се развртувам, но не ми е познато ова пусто, темно место. Многу е поразлично и поболно од реалноста. Мојот црн фустан се вее на ветерот. Полека ми ги открива колената, додека јас како ливче, на тој ветер, сум пред паѓање во провалијата на минатото. Каде се сите, се прашувам. Сакам да викнам, но глас ми недостасува. Како да ми ги извадиле гласниве жици. Можеби ќе најдам некој свој во оваа темна пустелија.
Почнувам да пешачам. Се плашам од секој звук. Паниката полека ме обзема. Стравот ги заледува моите дланки, моите стапала. Пешачам, но како во круг да се вртам. Беспомошноста ми шепоти да се предадам, срцево вришти, а душава моли за спас. Зошто јас сум на ова меланхолично место каде небото се отвора и внесува црнило во целата атмосфера? Ох што ли гледам јас? Со брзи чекори одам понатаму и застанувам стаписана. Ги гледам тие расфрлани спомени. Ги стискам дланкиве. Се предадов на подот и клекнувајќи се обидов да дофатам еден спомен.
Кое е ова чудесно место на кое вака можеш да ги почувствуваш спомените, како токму сега да се повторува едно болно минато? Се плашам дека тој спомен обвиен со стакло одеднаш може да се распарчи на дланкава, па срчите ќе ми се заријат во кожата и ќе почнам да крварам. Но сепак го земам. Никогаш не можеш да му завртиш грб на сопственото минато. Треперам од плач и го доближувам до градите. До срцето. Нека спомените овде и сега се спојат со отчукувањето на моето срце. Липам и полека го бакнувам тој спомен, додека тој од стакло во песок се претвора и почнува да исчезнува.
Полека спомените ги собирам во дланките. Сакам брзо сите да ги земам од ова место и со себе да ги понесам во реалноста. Нека бидат со мене кога сум осамена, нека овие насмевки никогаш не избледат во некоја рамка, а не вака расфрлани во оваа пустелија. Но колку повеќе спомени земам со себе, тие сè повеќе тежат, а јас сè повеќе плачам и крварам над таа судбина. Упорно сакам да ги соберам, но тие не ми дозволуваат. Многу ме повредуваат, а нивната тежина е уште поголема.
Ги испуштам и пламнувам во силен крик. Зошто никој не може да ме слушне во оваа пустелија? Викам, но никој нема. Го слушам само ехото од мојот глас. Станувам и почнувам да трчам. Се завртувам и гледам како спомените сакаат целосно да ме вовлечат со нив во меланхолија. Сакаат да ме заклучат во нивната суровост, но јас упорно трчам. Бегам од минатото, бегам од таа опасна пустелија, бегам од тие спомени кои сега беа ставени на продажба.
И бегам и бегам, бегам.
Сè уште бегам.
Викторија Саздовска
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.