Напаѓа без предупредување,
се закачува на крилото
и мисли дека има право слободно да лета
немилосрден ништожник
што ја ништи секоја клетка,
а пак телото силно
се бори со сите механизми,
за да го исфрли отровот од него.
Истиот ги испразни улиците,
закочувајќи го животот,
како да направивме пауза
на секојдневието
па скриени во нашите школки
се надеваме на откочување,
на стискање „плеј“ повторно,
оти тој мора да тече нормално,
а не во карантин и заробеништво.
Насетуваме како им е на затворениците
иако сме далеку попривилегирани од нив,
се споредуваме со птици со скршени крилја
или со неподвижен човек осуден на сопствениот затвор.
Не е страшно седењето дома,
нечовечноста и себичноста се пострашни,
не е хумано да мислиме само за себе,
уште понехумано е кога не ни е грижа за другите.
Исфрли го отровот од токсичните мисли,
за здравје се работи,
не само сега, туку секој ден
без исклучок.
Се појави и отров што кружи во воздухот,
пред кој и најхрабрите
би се запрашале за сопствената смелост,
пред кој и смирените
би се запрашале за сопственото трпение,
пред кој и најздравите
би се загрижиле за своето здравје,
се појави, но не смее да загосподари
се појави, но не му дозволуваме да лебди,
се појави, и нека исчезне како што се создаде.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.