Skip to content

Виножито

Те видов во моментот на светлината која го

Разруши моето Сонце..

Вивна со пламенот од височините

И стана моја Месечина.

Само ноќите се наши.

Сонцето се уште не успеа

Да ми го украднеш,

Иако е разрушено…

Те видов во моментот на отсјајот кој го

Затемни мојот немир

Се издигна над небесната шир

И стана соѕвездие

Се сплоти со ѕвездата осојница

И не успеа деницата да ми ја украднеш,

Ме буди секое утро…

Те видов во времето на минатото кое

Не успеа да се искачи во иднината

Се распарчи на мали парченца стакло

Кои станаа витраж на нашето секојдневие

И те гледам во сите бои на виножитото

Но не и во реалноста….

Те има само во

Неискажаната светлост

И недоречените зборови

Во соѕвездието на моето небо

И во боите на виножитото

Кои не можам да ги дофатам…

Напишете коментар