На 17 април 2008 година во Фор-де-Франс, Мартиник доживувајќи, на задоволство на своите сограѓани, деведесет и четири годишна возраст почина Еме Сезер. Еден од најзначајните поетски великани на црнечката франкофонска поезија на XX век.
Во текот на животот паралелно извршува повеќе активности, градоначалник – мандат што ја исполнуваше полни 56 години (од 1945 до 2001), пратеник во Националното собрание на Франција, политичка должност што долго ја извршуваше (48 години – од 1945 до 1993). Паралелно со другите свои активности на хуманист, решителен антиколонијалист, промотор на африканската самостојност и култура и на африканската составка на идентитетот на своите Антилци.
Пред дипломирањето во прочуената Екол нормал супериор во Париз, каде го стекнува своето професорско и интелектуално оформување, непосредно пред Втората светска војна, Сезер успева да го оформи своето најзначајно поетско дело Тетратка за едно враќање во родниот крај (Cahier d’un retour au Pays natal). Во една прва верзија успеал да го објави во делови во едно списание. Во оваа поема стожерен збор е токму црнештвото кое е анализирано и дефинирано низ еден процес. Односно низ потрагата на поетот (како и на сите црнечки народи) по самиот себе.
Тетратка за едно враќање во родниот крај
Мојата негритида не е камен, глувост што бурно негодува на
дневната врева
мојата негритида не е бела дамка од мртвица во рожницата на
мртвото око на земјата
мојата негритида не е ни кула ниту пак катедрала
таа длаби во црвеното месо на почвата
таа нурнува во врелото месо на небото
таа ја пробива непробојната онемоштеност на својата чесна
трпеливост.
Поемата Тетратка е едновремено и медитација и испит на совеста заради стекнување самосвест за сопствените вредности по долговековното ропско опстојување на овие народи – „дојденци” (депортирани) од Африка. Тие откривајки ги своите корени, јазик и традиции чувствуваат задоволство да се биде Црнец, што е еднакво на сознанието и за сопствената гордост, ослободена од лажни вредности и од суета. Овде е всушност содржана темата на познатата метафора „слегување во пеколот (“descente aux enfers”) со која Сезер, а потоа и книжевните критичари, најчесто ја формулираа портагата на црниот поет по неговиот идентитет.
Награди и признанија
Афирмирајќи се како хуманист и борец за слободен развој на културните вредности на своите сонародници и за признавање на специфичностите на нивното африканско потекло, на идентитетот и на јазикот од кој и тој самиот црпеше бројни африканизми, Сезер стекна голема слава уште при живот. Во 1982 година ја доби престижната француска Grand Prix national за својата поезија. Неговото книжевно дело е светски познато и преведувано на многу јазици, меѓу другото на: англиски, шпански, германски и др. Бројни меѓународни симпозиуми и омажи беа посветени на неговото проучување и осветлување.
Притоа, книжевниот опус на Сезер е оценуван како дело со длабоки и оригинални мисли, со отворени перспективи кон универзалното и со естетика што го поставува во првите редови меѓу најдобрите франкофонски писатели, како „nègre fondamental”- „суштествен црнец”, како ќе го нарече во својата книга Луј Патрис , што сè заедно го чини Сезер незаобиколен автор во светската книжевна историја.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.