На полјана широка,
каде ветрот коси ми милува,
каде трева росна нозе ми бакнува,
каде низ жолти лалиња моето тело танцува,
ете, таму ќе ме најдеш.
Во собата,
каде мирисот на цимет се чувствува,
каде вкусот на кафето приказни раскажува,
каде џезот и блузот љубов водат,
ете, таму ќе ме најдеш.
Скриена во фиктивен лик од роман,
облечена во тантела и свила,
а сепак во душата соголена ,
ете, таму ќе ме најдеш.
Во стар замок,
каде со темно црвен кармин си ги бојадисувам усните мои,
а усните мои оставаат трага на пехарот полн со вино,
каде Тристан солзи ронеше по Изолда,
каде Јулија силно и страсно го прегрнуваше Ромео,
ете, таму ќе ме најдеш.
Во сонот,
скриена меѓу облаците,
мека ко пердув на ангел,
во лавиринт од рози,
со поглед полн ѕвезди
и срце-желби рој,
ете, таму ќе ме најдеш.
Врзи ги очите
со црна марама од чипка,
седни во соба полна мрак и тишина
и слушни ја музиката на својата душа
и ќе сфатиш каде сум.
Софија Петковска