Skip to content

Крајбрежна изолација

5.4.2020

Се будиме кога стрелките ќе отчукаат некаков број,

Некогаш првата бројка од часот е едноцифрена,

А некогаш двоцифрена,

Зависи колку сме заглавиле во удобноста на ноќните часови,

Кои ги поминувме сами себе, и со сопствените мисли.

Си легнуваме кога ќе мислиме дека дошло време,

И да не раздени, не ни е грижа

Бидејќи имаме доволно време пред да се стемни

да го повикаме сонот во нашата песочна постела,

во која физички сме тука, а ментално сме заминале на Бахамите,

или се сончаме на некоја плажа во Малибу.

Никој не може да ти ја одземе имагинацијата,

дури и кога белите дробови ќе бидат пред откажување,

или кога ќе се бориш да земеш воздух,

помисли дека ќе нурнуваш во солено море,

или дека си дете и ја играш онаа палава игра,

кој најмногу ќе може да издржи без воздух.

А, чашата со вода и парчињата портокали и лимони,

Кој рече дека не може да се коктел од овошје?

Детскиот дух во крајбрежната изолација

Нè  држи будни додека мислите ни пловат

како охридско кајче

на кое летово ќе му недостигаат туристи.

Или будни како што е пекарот додека бдее над тестото,

Само што ние замесуваме леб од зборови,

реченици и спомени.

Тие ни ја хранат душава,

Ни ја галат како топлото крајбрежно ветре

што ни ги бранува прамениве од косите,

како што свежиот воздух на Пелистер

ни ги прочистува грлата додека го вдишуваме.

И не престануваме да бидеме деца

И да играме низ овие небесни одаи

Кои се закотвени во минатото

Каде нè влечат спомени

Од пред карантински живот

И се прашуваме

Дали ќе го дишеме воздухот

Покрај брегот на езерото

Дали  ќе ги дофатиме височините на планината

И дали коктелот ќе го има истиот вкус

Ако носиме маска?

Во очекување на излезот од

Крајбрежната изолација

Остануваме да бидеме хранети

Од имагинацијата на нашата слобода.

Наталија Наумовска и Маја М. Дојчинова
*Песната беше рецитирана во една од епизодите од емисијата „Кулитерација“.

Напишете коментар