Да се насврнеме на кратко на епското дело „Девицата од Орлеан“ на Франсоа Волтер. Во ова дело јасно се огледува неговата сатиричност и зајадливост и како што самиот тој вели, тој не е поет кој може да опева светци. Во периодот кога ја пишувал оваа епска поема Јованка Орлеанка не била сѐ уште прогласена за светица и според некои критичари ја напишал откако друг поет го предизвикал подобро да ја опее од Жан Шаплен кој веќе ја имал напишано поемата „За девицата, или херојска поема за ослободената Франција“. Жан Шаплен е познат француски писател и критичар, еден од основачите на Француската Академија.
Уште на самиот почеток од 1 пеење, се обраќа на Жан Шаплен со зајадлив тон, исто како и со Ла Мот Удар, познат поет и критичар кој ја превел Илијада на француски јазик.
Се гледа и неговата сатиричност во однос на самата светица како и исмејување со кралот Шарл VII кој се заљубил на еден бал во Агњес Сорел, која останува да биде негова омилена љубовница сѐ до нејзината рана смрт.
Епот има 14 пеења и бил објавен во Женева во 1752 година. Во текот на 18 и 19 век била забранета во Европа и предизвикала голем скандал во Франција.
Со овој комичен еп, Волтер го критикува суеверието и се бори за слободната мисла и говор. Тој е пародија на животот на Јованка Орлеанка. Се верува дека Волтер немал намера да ја објави оваа епска песна и дека ја напишал само да ја сподели со своите пријатели и истата била објавена против негова волја.
Со вас споделуваме неколку стихови од првото пеење:
Девицата од Орлеан
Вие ми нарачувате да славам светци:
Гласот ми е слаб, па дури и полн со метци.
Сепак, мора за Јованка песна да се пеела
За која велат божји чуда некои умеела.
Го зацврсти, со своите раце девичански
Коренот на моминските солзи галичански
Го спаси својот крал од англиканскиот бес,
И го натера да се помази на високиот олтар во Ремс.
На Јованка зад својата женска личност
Под корсетот и комбинезонот и бил скриен
тајниот Роланд со храбра енергичност.
Би сакал во темните ноќи во таа убавина
Како меко руно да се сладам,
Но, Јованка имала лавовско срце
Ќе дознаете вие, ако ја прочитате оваа творевина.
Ќе се тресете од нејзините авантури;
А најголемото од неговите уникатни дела
е тоа што остана невина една година цела.
О Шаплене, ти чијашто виолина,
има фалшив и одек стар
Толку тажно ја раскажа приказната твоја;
Со лакот на Аполон проколнат и остар,
Стар Шалпејну, во чест на твојата уметност,
Би сакал ли да ми го позајмиш твојиот ум бистар:
Но, не го сакам јас; тој е за Ла Мот-Удар ,
Кој Илијада ја направи вистински дармар.
Добриот крал Шарл, во цутот на младоста своја
Во градот Тур, за време на Велигденска прослава
На некој си бал (овој принц обожавал танц)
Најде, за доброто на Франција
Една убавица која се викаше Агнес Сорел,
Никогаш таква љубов не се разбудила во светов цел.
Превод од француски јазик: Маја Дојчинова Малиновска
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.