Вашиот глас Литература Проза

И скршените срца крварат

Да не можеш една цигара раат да испушиш, а да не те заболи душата кога преку патот ќе ги здогледаш очите. Силни и сјајни и длабоки и истовремено несвесни за она што го поседуваат во себе и забораваш во тој момент. Забораваш сѐ.
Ги забораваш презирните погледи на улица, ги забораваш оние околу тебе, лицемерните роднини кои го посакуваат само “најдоброто” за тебе и дволичните “пријатели” кои те третираат како нивно персонално заморче. Забораваш, си ги забораваш маките, си ја забораваш, барем за миг болката, на тој асфалт, таа ноќ си ја забораваш и душата, додека цигарата неприметно догорува забораваш дека живееш во вукојебина и дури и твојот провинцијален град ти изгледа како метропола.
Ти текнува тогаш на Њујорк, на Берлин. Мозокот ти прескокнува од една станица на друга, од континент на континент, таму далеку, го замислуваш Египет, топлиот песок и шумолењето на Нил. Уште те боли душата ама барем те боли помалку таму во далечините каде што имаш слобода, каде што имаш почит, каде што конечно успеваш да побегнеш од очите по коишто еве веќе трета есен срцето ти излегува.
Таму во далечините барем си некој и нешто, таму барем вредиш колку едно зрно песок, таму барем не мораш да се мразиш себеси, го кажуваш она што ти одговара, а она што ти се крие во срцето го молчиш и го запишуваш.
Ти одлучуваш. Не ти го дупчат мозокот, не ти го отвараат со клешти срцето, не ти копаат брутално низ душата.
Ти и никој друг, ти одлучуваш. Ти одлучуваш дали ќе плачеш или ќе се смееш, ти одлучуваш дали ќе станеш порано или ќе останеш цел ден во кревет пишувајќи сѐ додека прстите не ти се натопат во мастило.
Ти одлучуваш дали некому ќе пееш или некој ќе ти пее под прозор. Таму во далечините животот е твој, а не на тие што те родиле и на останатите што мислат дека имаат право на тебе само затоа што малку личиш на нив.
Таму, таму барем ќе можеш да ја испушиш цигарата на раат без наеднаш да ти запре срцето, без наеднаш да те заболи душата, без наеднаш да сакаш да заплачеш по она што го немаш и веројатно што никогаш нема да го имаш.
И додека се враќаш во реалноста, цигарата веќе се изгаснала, очите заминале, а ти како ништо да не се случило палиш нова, како да кнедлата што ти е во грлото е само заостанат чад, а болката во градите од лошиот тутун.
Ја палиш цигарата и се молиш сѐ да почне од почеток или пак да собереш храброст, да отераш сѐ во бестрага и заминеш таму каде што ти е срцето.
Да оставиш на твоите само едно писменце.
“И скршените срца крварат мајко, не барајте да се вратам во Македонија. За мене ова не е дома.” 

Извадок од “Дневникот на една будала”
14.9.2019

Автор: Анастастија Лефкоска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје