На денешен ден 1929 година во Франкфурт, Германија, се роди едно мало девојче. Никој не знаеше дека токму ова мало еврејско девојче ќе стане една од најпознатите жртви на Втората светска војна. Се викаше Ана Франк. Останува запаметена по својот дневник кој го пишувала помеѓу 1942 и 1944 година. Во најтешкиот период од Втората светска војна во Европа.
Каде и да одела, војската на Хитлер ширела антисемитизам и расна омраза. Хитлер прогонувал Евреи во сите окупирани земји. Постоеле многу правила за Евреите и не им било дозволено да стапат во брак или да работат со оние кои не се Евреи.
Биле принудени да носат жолта ѕвезда во јавноста, така што германската полиција и другите би можеле лесно да ги препознаат. Оделе во посебни еврејски училишта и живееле во свои населби. И не смееле да извршуваат бројни професии и да работат во јавни институции.
За Евреите, Хитлер нашол и свое конечно „ решение“ – сакал да ги истребе посочувајќи ги како штетни за другите. Покрај германската полиција, која убивала еврејски цивили на окупираните територии, милиони Евреи биле заробени и испратени во концентрациони логори во Полска и Германија. Затворениците работеле до исцрпеност, а потоа ги убивале или ги оставиле да умрат од болест што често ја имало низ логорите. До крајот на Втората светска војна, нацистичкиот режим убил повеќе од шест милиони Евреи.
„Дневникот на Ана Франк“
Во тој период е напишан и дневникот на Ана Франк. Ана знаела дека ако нацистите го фатат нејзиното семејство, тие ќе го испратат во логорот на смртта. Сепак, таа успеала да го запише своето растење. Во тие тешки и тмурни времиња го барала доброто кое сепак постои кај луѓето.
Дневникот за првпат беше објавен во 1947 година на холандски јазик. Преведен е на англиски јазик дури по пет години, по што се здоби со светска популарност и беше преведен на други светски јазици. Преку очите на ова мало девојче цел свет ги запозна ужасите на делата на Хитлер.
Ова е автобиографско дело и неговата главна идеја е дека секое дете треба да има среќно детство. Тешкиот живот на Ана е пример со кој сите треба да сфатиме колку е вреден нашиот живот. И колку сме богати со тоа што едноставно го имаме и го живееме.
Првиот запис во дневникот е од 14 јуни, на кој пишува дека на 12 јуни за нејзиниот роденден таа го добила како поклон. Тоа е за неа најубавиот подарок и како и сите други девојчиња на нејзина возраст разскажува за своите другарки, својот прв симпатија, својата роденденска прослава.
Таа кажува дека дневникот ѝ е единствен добар пријател и единствено со него може да ги споделува и своите најголеми тајни. Таа го нарекува „Кити“ и му се обраќа нему како да е негова другарка.
Му кажува како пребегала во Холандија заради нацистичкиот режим во Германија. За нејзините школски лудории, играњето пинг- понг, сите непријатности кои ги има нејзината фамилија, честите караници, секое ѕвонење на нивната куќна врата на која со страв отвораат во секој момент очекувајќи го Гестапо.
Посебно ја плашат ноќите кога се слуша пукањето и сите се кријат, а Ана наоѓа мир во креветот на своите родители.
Ги опишува сите бомбардирања, уништувања, нејзиното тешко депресивно расположение. Но и нејзиот таен помагател во скривалиштето Петер Расел. Во него била заљубена, на кого често мисли и тоа ѝ дава трошка надеж.
На некој начин таа нејзина заљубеност ѝ помага да премине во млада жена и таа цело време очекува да го види и да се сретнат.
Во сите тие моменти кога сите очекуваат да дојде Гестапо и да ги одведе во гнасните логори. Ана е среќна, добива бакнеж од Петер. Размислува за војната и кажува дека секој човек е крив за неа, а не само политичарите. Зошто ако не е така, сите народи во светот досега би се побуниле за таа неправда?
Ана размислува за разликите помеѓу холандскиот и англискиот јазик и забележува со разочарување дека анти-семитизмот расте меѓу холандското население. Се прашува зошто луѓето се однесуваат на овој начин, „Дали Евреите вредат помалку од другите?“.
Нивниот помошник е уапсен за криење на Евреите во таванот, што е голем удар за нив. Поминува нејзиниот петнаесетти роденден и таа се чувствува посреќна. Зборува за нејзината врска со Петер, истакнувајќи дека иако не се љубовници. Туику имаат длабока емотивна врска. Исто така пишува за нејзината љубов кон природата, прашувајќи се дали ги чувствува облаците и дрвјата толку силно затоа што не може да излезе?
На 6 јуни 1944 година, се случува инвазијата. Таа е сега посреќна и верува дека подлабоко ја чувствува религијата од Петер и дека тоа ѝ помага.
Ана детално зборува за себе и за она во што верува. Таа зборува за нејзините родители и признава дека го оддалечила татко ѝ од себеси. Таа исто така вели дека „е вистинско чудо што не се откажала од своите идеали, бидејќи тие изгледаат апсурдни и толку невозможни за спроведување“. Таа ги чува, „затоа што и покрај сè, јас сè уште верувам дека луѓето се навистина добри души“-вели таа.
Навистина е потресен нејзиниот крај на двевникот каде таа сè уште верува во добрината на луѓето. И во своите идеали не знаејќи дека за два месеци нејзиното прибежиште ќе биде откриено и дека таа ќе почине во концентрациониот логор Белсен во март 1945 година, само два месеци пред да ја ослободат Холандија.
Една од причините според кои овој дневник допре до срцата на сите луѓе во светот е нејзината хуманост.
Да останеме хумани и пред сѐ човечни во овој свет кој како да почнува да ја губи својата човечност.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.