Кога крвта се римува
со ноќна мора
Кога дишењето се римува
со плима и осека
Кога Морето се римува
со освоеното време
Кога „сребрената душа“
се римува со „отворената рана“
Јас знам дека
тоа не е песна.
Не е иста вистината
во првото Утро
и познато Пладне
а само Времето знае
која Ноќ последна ќе биде
Кога компасот покажува
колку сме далеку
од Светото писмо
колку ѕидови и граници
во нас се креваат
Кога памтењето се римува
со камбани, миси и псалми
Кога крварат стиховите
Заробени во сонот
Јас знам дека
тоа не е песна
туку СОНУВАН ЖИВОТ
Извадок од збирката Граници во сонот (2017), од Илија Карајанов
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.