Научив дека луѓето ќе заборават што сте кажале, што сте направиле, но никогаш нема да заборават како сте направиле да се чувствуваат. Секој човек несвесно или пак намерно заборава нешто. Знаете, кога сакате нешто да заборавите ќе го заборавите, ќе премолчите. Но, што се случува со чувствата? Гледано од некој си мој аспект, тие значат повеќе од тоа што мислиме, можеби ќе заборавите, но чувството нема да можете да го избришете или пак замолчите. Тоа е резултат на нашите внатрешни одекнувања.
Кога некој би те повредил, со тек на време ќе се помириш со тоа и ќе заборавиш што велиме ние. Но, по определено време, што се случува кога мислите ќе те вратат баш на тој незгоден момент? Тука никнува чувството, и за жал не можеш да го замолчиш, цело време ќе вришти во тебе, било добро или лошо, додека не ги скренеш мислите. Нема некоја поента да заборавиш ако чувството е преголемо.
Најдобро е да го оставиш да трае, тоа само ќе престане, не целосно, ама барем делумно. Затоа е посилно од мислите, можеби во мислите нема да е присутно ама душата ќе пати. Знаете што следува? Една голема лекција, една од поучните лекции на животот, оние најтешките. Ќе научиш да се трудиш, да не се повредуваш размислувајќи како некој ќе се чувствува.
Ќе се плашиш да повредиш затоа што знаеш како е кога некој ќе те повреди дали со зборови или дела. Ќе се плашиш затоа што знаеш дека чувството е помоќно од сопствените мисли, баш тогаш ќе сфатиш зошто човекот памти и покрај тоа што заборавил. Чувството, останува во било кое време.
Анастасија Стевановска