Skip to content

На денешен ден починал Миодраг Павловиќ, еден од најголемите српски поети на XX век

Миодраг Павловиќ е, несомнено, еден од најголемите српски поети на XX век. Тој е писател кој со многу успех се пројавил во повеќе книжевни жанрови. Мислител кој континуирано, низ повеќе децении, ja покажува длабочината и оригиналноста на својата миела.

Бил роден на 28 ноември 1928 година во Нови Сад, а починал на 17 август 2014 година во Тутлинген (Германија).

Го завршил средното и високото образование во Белград: дипломирал на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Белград во 1954 година. Извесно време работел како лекар, а потоа бил директор на драмата во Народниот театар во Белград, предавач на историја на српската поезија на Универзитетот во Нови Сад, уредник во издавачкото претпријатие „Просвета“.

Од својата рана младост Павловиќ се определил за литература. Во самиот почеток на борбата за дедогматизација на југословенските култури, во 1952 година, излегува неговата прва поетска збирка „87 песни“.  Збирката со смелоста на своите слики, со новината на своите теми, со модерноста на својот израз, претставува извонредно значаен датум во новата српска поезија. Таа ќе има свој видлив одглас во другите национални литератури на некогашната Југославија. Потоа следат многубројни поетски книги.

Неговата поезија често наидувала на недоразбирање кај критичарите, кои му забележувале дека е строга, студена, класична и „функционална“. Сепак, неговите песни се одликуваат со богатство на поетски сценарија и емотивни тоналитети со кои тој го зазема едно од најистакнатите места во српската и југословенската поезија.

Мотивот кој преовладува во поезијата на Миодраг Павловиќ, слично како и кај многу други поети од поранешна Југославија, Романија, Бугарија, Република Македонија, Грција и Албанија е врската меѓу античките жители на Балканот и нивните современи потомци. Во творештвото на Павловиќ, како и кај македонскиот поет Богомил Ѓузел и албанскиот писател Исмаил Кадаре, има чести алузии на античкото и средновековно минато.

Неговото творештво

Миодраг Павловиќ објавил повеќе книги есеи: „Рокови на поезијата“, „Осум поети“, „Дневникот на песната“, „Поезијата и културата“, „Поетиката на модерното“, „Уништувачи и свадбари“, „Природниот облик и лик“, „Сликарството на Младен Србиновик“, „Обредното и говорното дело“, „Поетика на жртвениот обред“, „Говор за ништото“, „Храмот и преобразбата“, „Читање на замисленото“, „Есеи за народната и за старата српска поезија“.

Овој писател има две книги раскази: „Мостот без брегови“ и „Суштински луѓе“; два романа: „Второ пришествие“ и „Заливот на Афродита“; две книги патописи: „Кина“ и „Патишта кон храмот“. Две книги драми: „Игри на безимените“ и „Чекори во подземјето“. Исто така, тој е составувач на неколку антологии: „Антологија на модер­ната англиска поезија“ со Светозар Бркиќ, „Антологија на српската поезија“, „Поезија на европскиот романтизам, и „Антологија на лирската народна поезија“”.

Во превод на други јазици книги на Миодраг Павловиќ се објавени во Варшава, Прага, Франкфурт на Мајна, Будимпешта, Париз, Букурешт, Братислава, Њујорк, Краков, Атина, Лоѓ, Торонто, Лон­дон, Монтреал, Лозана, Софија, Тибинген и Виена. Две поетски збирки на Миодраг Павловиќ се објавени на македонски: „Караници“ (во препев на Петре М. Андреевски) и „Светли и темни празници“.

Драмите на Миодраг Павловиќ се изведувани на белградските театарски сцени како и на радио-станиците во Белград, Келн, Баден- Баден, Франкфурт и Лондон.

Награди

За своето книжевно дело Павловиќ добил многубројни награди: наградата на Здружението на писателите на Србија; Октомвриската награда на Белград; „Змаевата награда“, наградите „Слободан Јовановиќ „Бранко Миљковиќ“ „Раде Дронец“ „Тодор Манојловиќ“, „Јован Дучиќ“, „Лаза Костиќ“ и „Десанка Максимовиќ“. Во 1991 го­дина ja добил Октомвриската награда за целокупното творештво.

Во 1997 Повелба за животно дело на Здружението на писателите на Србија. Владата на Република Франција го именувала за офицер на Редот на литературата и уметноста, член е на Европската поетска академија со седиште во Луксембург, а во 2003 година ja добил Ев­ропската награда за поезија што ja доделува градот Минстер. Во 1970 година, на Струшките вечери на поезијата Миодраг Павловиќ ja добил тогаш првпат востановената награда „Златен венец на СВП“.

Во Српската академија на науките и уметностите Павловиќ е избран во 1978 како дописен, а во 1985 како редовен член. Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за уметност.

Напишете коментар