Недела вечер, а надвор снегот се истура врз земјата, како да има некоја силна порака.
Тоа беше вечерта кога ја добив твојата прва порака, ни сега не можам да го објаснам ураганот од чувства кој се превртуваше во мене. Јас ти ги кажав маките, првпат пред некој странец јас ја разголев душата. Плачев пред тебе, не се плашев од ништо бидејќи јас тебе навистина ти верував.
Поминуваа денови и месеци, а јас сè повеќе се вљубував во тебе. Не сум сигурна дали повеќе те сакав или ти верував. Мислев дека никогаш нема да заврши нашата приказна, мислев дека тоа ќе биде нашата бајка со среќен крај. А зарем постои такво нешто?
Ти замина, ти мене ме остави. Ти продолжи со својот живот, а јас останав на истото место. Се скаменив и после две години јас сè уште сум таму каде што ти самиот ме остави.
Слушам дека си бил среќен и дека си добивал сè што ќе посакаш. Девојките на недела или две дали се подобри? Дали си среќен знаејќи колку некој страдал поради тебе? Зар се гради среќа врз туѓа несреќа?
И после две години јас се чувствувам како првиот ден кога замина едноставно скршена!
Јас сепак ти ја посакувам целата среќа на светот. Не ти простив бидејќи ти направи да го мразам секој што ќе сака да ми влезе во животот. Да го мразам секој 4-ти Јануари.
Секој ден се обидувам да ти простам, бидејќи тој што простува секогаш ќе биде силен барем така ме советуваа.
Секоја грешка си има своја цена, но и поука зарем не е така? Се надевам дека девојките кои ги имаш ќе направат да се чувствуваш среќен.
Јас секое утро се будам со надежта дека ќе те заборавам, еднаш за секогаш. Се трудев многу пати сè да вратам на свое место, но секогаш паѓав се подлабоко во својата бездна. Веќе нема да се надевам за тебе, бидејќи ти и единствената трошка надеж ја уништи. Се надевам дека секој ден ќе ти биде поубав од претходниот, но не заборавај дека имало некој кој те сакал повеќе од себе. Дури и денес кога ќе го слушнам твоето име, колената ми се тресат, а чувството дека ќе плачам не поминува.
Не знам како ќе се соочам со оваа болка, знам само едно дека никогаш нема да заборавам кој ми го скрши срцето на милион парчиња.
Габриела Стоимановска