Skip to content

Ефтим Клетников – Свадбата во Кана

Ефтим Клетников е роден во с. Негрево, Малешевија во 1946 година. Дипломира на Филозофскиот факултет во Скопје, Историја на книжевностите на Југославија со славистика, 1969 година.

Неговото творештво вклучува:

Поезија:
Модер вир, Зраци и самраци, Окото на Темниот, Песни за Огнен, Икра и крило, Гласови, Триок,
Магновенија, Маж и жена со лице спроти ѕвездите, Прасјај, Троја.

Поезија за деца:
Кула со златно ѕвоно,Златна рипка, Море во сонот, 88 песни за месечината, Сончеви песни.

Есеи и критика:
Орион, Јатка, Во потрага по целината.

Уживајте во читањето на неговата песна Свадбата во Кана.

Свадбата во Кана

(Сон)

Бев таму,
видов како товари
со маслинки и портокали
се истураат на трпезата,
бутови печено месо,
фурни со леб.
И видов уште како
врз сиот овој товар
оној што дава благослов од горе
истура уште
безброј снопови светлина,
ги трупа врз срцето
на младоженците
како крстини пченица.
Бев сведок на сиот овој
сјаен и безмилосен товар,
ама и врз мене
(или само врз мене)
се пластеше како грамада
таа тежина.
И незнам на крајот
дали потешко ми падна
сета таа присутност на сјајот,
или отсутната светлина
на бакнежот невестин
што повте на кај мене
како ластовица,
та сетив тресок во прозорецот,
И не знам дали
се исплашив од убавината,
или убавината тогаш
крикна уплашена од восхит,
не знам дали
воопшто се разбудив,
или ме голтна сосема
модрата пукнатина на сонот:
знам само дека никна
црна ружа
на местото кај се спојуваат
моите усни
со сртовите на зората.
И лелека таа ружа
ко свирките во Кана.
Не сонце,
сега месечина го храни
нејзиниот корен:
се крева таа
секоја ноќ од неа,
и со неа плимата –
и расте над брегот
до грло
плачот на водите.

Напишете коментар