Петре М. Андреевски е македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор.
Се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи.
Неговите приказни се честопати необични и чудно испреплетени, но во особеноста на својата упатеност кон читателот, раскрилуваат еден познат и близок свет, што го препознаваме како ехо на дамнешни, напати, темни кажувања.
Во продолжение ви претставуваме една од неговите неповторливи и прекрасни песни, кои имаат и душа и срце.
Првата разделба – Петре М. Андреевски
Возот се задеваше со предишените полиња,
жеравите се престројуваа над мојата глава,
но во сè што ќе видев, во сè што ќе помислев,
во сè што ќе допрев беше и таа замешана.
Оставен, како развенчана змиска кошула,
ги колнев сите краишта што нејзе ѝ ги посветив
и сите нови места што ме среќаваа без неа.
Ушите ми гореа за да знам дека ме споменува,
но сетилата му се противеа на придојденото време
и тој ден траеше подолго од сите минати години.
Колку ја барав подалеку, толку поблиску ја пронаоѓав
(како што можев да ја изгубам и кога ја држев за рака)
и солзата што подалеку кај неа се растураше
во мене веќе почнуваше да се збира и составува
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.