Порано мислев дека животот е убав додека си млад, а останатокот би бил само мачење и жал за младоста. А, младоста е чудесна доба, тогаш годините бавно минуваат, и бев убедена дека мојата младост долго ќе трае. Можеби, цела вечност треба да помине додека остарам како моите родители.
Детските години ги минав слично како останатите деца од мојата генерација. На лето во вистинската смисла на зборот живеевме на улица, немавме многу играчки , но, тоа воопшто не ни пречеше. Нашите игри не се купуваа со пари. За криенка, брканица и клин плочка ни требаше само волја, која ја имавме во изобилство. Ја имав привелигијата да живеам во непосредна близина на река и густа шума, и бев сигурна дека на лето рајот се вселил во нашата скромна населба.
Средношколските денови ги минував безгрижно, и за разлика од денешните деца не бевме оптоварени сите петки да ни бидат. Бев одлична ученичка, но по некоја четворка во свидетелството. Како вчера да беше кога на крајот од четврта година го гледавме филмот “Брилјантин “. Бевме маѓепсани додека ги учевме чекорите од брилијантното танцување на Џон Траволта и Оливија Њутн Џон. Со нетрпение чекавме да излезат новите списанијата, и да читаме за нивната вртоглава популарност. Ние, просто лудувавме по таа музика и филм.
Сонував со отворени очи и субјективно мислев дека мојата генерација е најдобра на секое поле, со најинтелегентни ученици и најубави момчиња. Тоа, веројатно и денес го мислат младите за своите генерации, секому неговата му е најдобра. Не ми е целта многу да филозофирам, сакам да се демантирам себе си дека животот во зрелите години не може да биде убав и исполнет. Сега со сигурност тврдам дека ведрината на духот и младешката радост може да ја имаш и на тие години.
Можам да зборувам за себе, веројатно на почетокот од заедничкиот живот со животниот сопатник, правев грешки во изборот на пријателки. Понекогаш погрешни луѓе пуштав доволно близу до мојата фамилија. Бев убедена дека за опстанок на едно пријателство, треба постојано да даваш, и да не бараш ништо за возврат. Некои од нив ми покажаа дека си го гледале единствено својот личен интерес. Во еден период следуваше лично преиспитување од типот: “можеби не дадов сè од себе и дозволив да заврши пријателството“.
По долги години работа на себе, веќе ги знам одговорите на прашањата што некогаш ме мачеа. Треба да им бидам благодарна затоа што во одреден период од мојот живот биле дел од него. Од сите сум научила нешто, а секое школо се плаќа. Во еден пријателски однос треба да постои баланс на примање и давање, доколку едниот само прима а другиот само дава, прашање на време е кога тој однос ќе заврши. Толку било просто нешто што со години не можев да го разберам.
Иако имам доволен број на години, не ги знам сите мудрости на овој свет. Јас и на овие години учам, верувам дека до крајот на животот нема да престанам да се обидувам да бидам подобар Човек. Да ви кажам искрено, ама најискрено, не би го вратила времето назад и да имам волшебно стапче. Кога бев млада, по некое непишано правило требаше да им се допаднеме на околината во која живеевме.
Никогаш не го ставив фокусот на моите желби и потреби, секогаш се водев од мислата “Што ќе кажат луѓето“? Всушност, родителите нè учеа да живееме по одредени правила и норми. Никогаш да не скршнуваме од тој пат и постојано да бидеме на услуга на сите. Во суштина и не беа толку лоши тогашните уверувања, тогаш најмногу научив за чест и поштеност.
Моите размислувања од младоста до овие сериозни години, многу се променија. Не мислам повеќе дека средновечните луѓе немаат желби и не сонуваат. Можеби, не со истиот жар како младите, но, што е човекот ако нема желби и надеж? И покрај некои непријатни искуства, сè уште верувам во пријателства, во кој интензитетот на дружење би бил редуциран и дозиран. Ведрите теми и правење шеги на сопствена сметка, без оговарања, на сите ни се потребни во овие тешки времиња.
Сепак, постои нешто што во некој ”друг живот” би го правела поинаку. Не би ја повторила грешката постојано да ѝ бидам роб на куќата, туку целото мое слободно време ќе им го посветам на децата. Секако дека ги сакав најдобро што умеам и знам, но, требаше повеќе да ги гушкам и милувам.
Требаше да им покажам, дека се единственото совршено нешто за мене, во овој несовршен свет. Тие се веќе возрасни луѓе. Без оглед на нивните години сега постојано им велам колку неизмерно ги сакам. А, јас никогаш нема да престанам да се трудам да бидам своја најдобра верзија. Никогаш!
Силвана Панева