Сам ја црташ одејќи по лавиринтот, се губиш и се пронаоѓаш, ја пишуваш и ја бришеш, ја боиш и обојуваш, и пак не е завршена.
Илјадници врати за отварање, илјада видици пред тебе, неограничени можности кои чекаат подготвени молејќи да ги одбереш.
Колебливост и решителност два спротивни патишта, љубов и омраза – два краја на една димензија, сон или јаве што е повистинско?
Сопнувајќи се на првата пречка ќе те спречи ли тоа да продолжиш понатаму кон тоа што треба да го најдеш, да го освоиш и да го заслужиш?
Не брзај за да стигнеш, и со мали чекори се освојуваат големи висини, ако знаеш каде си тргнал и најважно каде сакаш да појдеш.
Едно скалило искачуваш и веќе си чекор поблиску, се сопнуваш симнувајќи се три скалила подолу и се враќаш на самиот почеток.
Како во некоја игрица кога ќе изгубиш живот, почнуваш одново,
само со една разлика: во мапата немаш шанса за нов живот, туку мораш истиот со илјадници рани да продолжиш да го живееш и да ги лекуваш раните или барем да ги залечиш.
Креатор на својата мапа, заштитник на својот храм наречен живот, со улогите што ти се доделени пловиш со бродот низ разбранувано море, како пилот кој мора да се бори со ветрот ти се бориш со сѐ што те влече надолу гледајќи да испловиш на површина и да слеташ на копното.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.