Всушност таа беше од оние девојки со статистичка грешка, ретки, уникатни, со свое созведие, совесно и чисто. Таа беше од оние кои бегаат од љубовта и на самото изговарање на зборот, на првата буква, веројатно само ќе се насмевнеше, ќе ја запалеше цигарата и ќе земеше голтка од кафето и ќе сменеше тема или мило ќе се сокриеше.
Не, не бегаше, поточно е дека се криеше. Таква беше, ќе си запливаше во својата територија и грижливо ќе посматраше. Имаше моменти кога нешто мораше, но несакаше, но нејзе и беше сеедно дали поклонот ќе биде во црвена или плава кутија, па ќе речеше црвено е поубаво. Со нетрпение забегуваше во уморот, колку да ја исцрпи до последниот атом. Не дека беше највредна, најработлива, најпаметна, туку ете така, колку грбот да ја здоболи, капаците од очите да ѝ паднат, да си ја почни рутината одново.
Сакаше да ужива сама, а ѝ фалеше нешто. Нешто што го немала никогаш. Беше навикнала на лошини, а не на ретки добрини. Па ќе се збунеше и ќе прошеташе. Ретко знаеше така пешки да прошета, колку да го потсети своето постоење, да направи некоја слика во својата глава. Имаше мноштво од работи кои ја исполнуваа, кои ја правеа борец. Таа беше вредна, а не се вреднуваше. Едноставно не чувствуваше потреба од тоа. Веќе одамна си затворила некои капии, ги рушила, ги закопала длабоко, а некои и ги немала ни видено никогаш, па сите ѝ беа исти.
Ете, не ѝ беше милум да ѝ се сака, да гледа сакани работи, да си чита приказни за принцови и коњи. Си се разбиравме ние, си имавме наш код. Јас збор за принцезата, таа пак коњот де коњот, а принцот за духовден го чувавме. Сакаше да шета сама, да ужива во својата слободоумност, а сепак го ограничуваше својот хоризонт.
Нејзе не ја интересираше што има после хоризонтот, доволно ѝ беше да го гледа, ете така да зјапа во него, како слика поставена во рамка. Да рече, не ми треба, нема шанси, не сакам. Во суштина не беше кукавица, ама сега ја исплаши искреноста. Бегаше, одбегнуваше, а сакаше. Не беше навикната некој да ја љуби, па се загуби помеѓу мојата упорност и нејзините изговори.
Кој знае, можеби да не ѝ се случев, така да ја поместев за милиметар, можеби ќе потонеше во тој видик. Вака ѝ остана само отпечатокот кој под око го гледа, тивко се насмевнува и на цел глас вика – или љуби ме или уби ме, трето не остана. Си се разбираме ние, не мора сите да го разберите ова. Дали е вљубена, не. Дали ќе се вљуби, можеби. Овие прашања не беа важни. Важно беше дали некој ќе ѝ ја љуби душата така, оти тела има сегде. Сè беше во рамки на таа статистичката грешка, а не беше грешка, само касно го разбра тоа.
Не знам кој напишал, но добро напишал: Еден човек го прашува некој скулптор: „Како успевате да ја направите оваа прекрасна скулптура од камен?“ На тоа скулпторот одговорил: „Скулптурите се во каменот, јас само го извадив непотребниот дел од него.“ (Среќата е скриена во каменот, а тагата ја извадил скулпторот.) Си се разбиравме ние, не мора сите да го разберите ова, доволни сме си ние.
Виктор Кадинец