Skip to content

Храбар си доволно?

Сакаш да се вклопиш,

а отскокнуваш.

Знаеш дека тука не припаѓаш.

Како странец во своја земја,

како посетител во своја татковина.

Минута ти е час,

а чекорот долг и бавен

чиниш нема да стигнеш

онаму каде што си тргнал.

Бараш разбирање,

ама не можеш да го очекуваш

она само во себе што го гледаш.

Ги има секакви.

И што ќе те разберат.

И што нема да ги разбереш.

И оние што сакаат да бидат разбрани.

И оние што не разбираат,

ама сакаат некој да ги разбере.

Твојата мапа се разликува од секоја друга.

Друг не може да ја разбере.

Нема да ја разбере

зошто не чекорел по исти патеки

како твоите.

Ни ти нема да ја разбереш неговата.

Ама може мапите да ги споите

и да цртате заедничка

што ќе биде обострано разбирлива.

Некој ќе го држи моливот,

а некој ќе ги брише грешките

и обратно.

Некој ќе се сопне на една пречка

и ќе му биде страв да продолжи,

некој три пати ќе се сопне

и ќе продолжи да се обидува.

Зборувај ми за упорност.

За неоткажување.

За цврсто следење на соништата.

За неуморно талкање по патот

што води некаде.

За јачината што ја носиш во себе

што те движи напред.

За она што не може никој да ти го земе,

ами да ти го предизвика.

За она поради кои другите

можат или да ти позавидат

или да ти се воодушевуваат.

Храброст.

Што ја имаш во себе.

Која ти помага да подигнеш и планина

ако треба.

Но, и да признаеш дека не си доволно храбар.

Е тука кога го признаваш тоа

ја докажуваш твојата храброст.

Зошто победила искреноста.

А, таа е доблест што уште малкумина ја имаат.

Наталија Н.

Напишете коментар