Беше тоа една светла ноќ.
Самовилска.
А месечината полна
и сјајна ко сребрена лира.
Ноќ совршена за магија.
Ноќ создадена за музика.
Ноќ извајана во блуз.
Јас и гитарата.
Очи во очи.
Две другарки стари.
Една гитара реши мене да ми отсвири блуз.
Акорд по акорд се кинеше,
во срце ме парчосуваше,
жица по жица завиваше,
ко гладен волк на месечина полна.
Една гитара реши мене да ми отсвири блуз.
Свиреше и свиреше,
низ мелодијата ми зборуваше:
,,во твоите чевли ќе влезам,
спомените во куфер од кожа за тебе ќе ги спакувам,
нежно ќе ги здиплам,
да не се уништат,
плевелот во умот и срцето ќе го изгорам,
небото ќе го отворам,
ќе направам лифт,
ангелите на твојте рамења нежно да ги спуштам,
целата тага за тебе ќе ја впијам,
а нема ни со малиот прст да мрднам,
само ќе ти отсвирам еден блуз.”
Една гитара реши мене да ми отсвири блуз.
Акорд по акорд плачеше,
во срце ме жигосуваше,
жица по жица лелекаше,
една гитара реши мене да ми отсвири блуз.
Софија Петковска