Колумни Литература На пауза со моите монолози

Кога коцките ќе се поклопат, а кога треба да ги наредиш сам?

Сите сме го слушнале она “поклопување на коцки“ во повеќе варијанти. Примери: „супер му е нему, сите коцки му се наредија“, или „нејзе секирата во мед ѝ падна, сите коцки ѝ се поклопија“. Што се случува при поклопување на коцките? Во различни сфери од живеењето да ти тече мед и млеко, да си успешен во сè? Или со поедноставни зборови: завршуваш одредено образование, имаш среќа да се вработиш и убаво да заработуваш, те следи голема среќа во љубовта и стапуваш во брак, градиш сопствен дом со личност која ти значи итн. Ако ова значи успешно поклопување коцки нека крене рака тој чиишто коцки се совршено наредени.

Списокот е долг за тоа што луѓето мислат со оваа изрека. Знам да ја употребам и јас, иако поретко. Вистината е дека никому не му е подеднакво добро во сите области од живеењето. Ако е совршено, значи е вештачко и во заднина постојат многу нешта што не се гледаат, а не се во ред. Не цветаат рози на сите полиња никому, дури и да изгледа така на прв поглед. Некогаш животот знае да биде многу сложена рубикова коцка што тешко се составува.

Затоа внимавам со употреба на главната реченица што ја употребив како наслов на овој текст. Повеќе преферирам да речам дека “коцките се во нашите раце и дека ние треба да ги наредиме сами“. Сметам дека сами од себе тие целосно нема да можат да се наместат. Во одредени моменти фактор среќа игра голема улога, им помага во самостојното редење. Но честопати животот од нас бара да преземеме акција, да почнеме сами да редиме, за да ја склопиме целата сложувалка онака како што треба. Односно да ја решиме рубиковата коцка.

Улога на градители

Треба да се ставиме во улога на градители на сопствениот живот. Како што мајсторот ја гради куќата од темел, трпеливо чекор по чекор работејќи на нејзино ѕидање, така треба полека, но сигурно да ги обликуваме различните сфери во живеењето. Како што некоја шнајдерка од парче ткаенина обликува одредена форма на крајниот производ, треба да ги земеме иглите и конците и да почнеме да ги плетеме нашите денови. Велам денови, бидејќи треба секојдневно трпение. Ден за ден, месец по месец, кога ќе се свртиш наназад, ќе видиш дека си “сошил“ многу работи.

Во процесот можеби неколкупати иглата ќе те боцне, но тоа нема да те спречи да продолжи понатаму со шиењето. Токму на истиот начин треба да продолжуваме после поразите. Не дозволувајќи ниту една пречка да го спречи нашиот развоен пат. Ставајќи се во улога на креатори на сопствената судбина, имаме поголемо чувство за моќ. Со зголемување на моќта расте и самодовербата.

Овие две заедно во комбинација се навистина потребни алатки за секого од нас, и за почнување на било што. Секогаш ќе постои простор за сомнеж во своите способности, за чувствување несигурност, страв, и слично, но градителот не смее да ја прекине својата активност.

Градиме цели светови етапно и постепено, а тие пак се толку сигурни, безбедни. Тие некогаш значат само двајца што одлучиле дека заедно ќе ги користат градежните материјали. Истите не се откажуваат на никоја пречка бидејќи се одлучни и амбициозни. Трпеливо си го градат сопствениот свет кој нема да биде совршен. Но двајцата ќе го исполнуваат со совршени моменти што ќе останат засекогаш запишани во историјата на животните случувања.

Н.Н

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје