Вербата прави чуда. Посебно онаа големата, што извира од дното на душата. Има ли потреба да се зборува за моќта на највозвишеното чувство? За љубовта во секоја форма, на онаа што ја носиме во себе, што ја даваме на другите, но и ја добиваме за возврат. И за да има кој да ги подгрева овие, кој да биде столбот за нивно опстојување, тука е надежта. Таа за која велат дека последна умира, онаа што ни прави друштво до последен здив. Па и после тоа.
Кога надежта ќе почне да се разнишува, вербата и љубовта се обидуваат да ја вратат назад. Светото тројство на милосрдието, на благосостојбата, на мирниот, позитивен, спокоен дух. Вљубеноста во себе не е грев, впрочем сакањето не е никакво грешење. Да се сака значи да се биде способен да се оддели делче од срцето и истото некому да се подари. Ова прикажано на апстрактен начин. Во секојдневието луѓето можат да сакаат на безброј начини. Само треба да го видиме тоа, да го забележиме и вреднуваме.
Сите религии учат дека треба да ги сакаме ближните луѓе како себе, го вреднуваат љубењето на ближниот на највисоко ниво. Вистинско време е да не се биде себичен и да се има љубов за сè што не опкружува. Не мора да биде таа манифестирана, нека биде вкоренета во нашите битија. Та со љубов да се погледнуваме едни со други, без да си кажеме збор, со меѓусебна добрина да се разбереме. Со искри во очите и топлина да помилуваме странец, случаен минувач, бездомник на улица.
Вера надеж и љубов на денешен ден
Под ова небо има место за сите, сме дошле со некоја причина од прв до последен. Зошто да ја храниме злобата кога можеме добрината да ја искачиме на тронот? Навистина љубезноста нема цена, не чини ништо да се биде љубезен, а за возврат се добива многу нематеријално. На пример, почит, благодарност и пријателство. Кога сите би размислувале во оваа насока, и секого би го гледале како свој близок (по човечност, не мора да е крвно поврзан) би имало сè помалку непријателство.
Бидејќи нештата не се секогаш ниту целосно бели ниту целосно црни, и животот не е бајка, не функционира денешниот свет на овој начин. Би лажеле ако кажеме дека царува пријателство, љубов, добрина, почит меѓу луѓето. Би биле лицемерни ако кажеме дека немаме непријатели и дека сите нè сакаат. Вистината е дека секогаш ќе има такви кои нема да нè сакаат, колку и да сме добри. Некогаш добрината и љубовта не одат рака под рака, но само кај оние што не го спознале вистинското значење на нештата.
Верата, љубовта и надежта одат заедно, како што кажав претходно функционираат налик свето тројство. Каде што има љубов, верата ќе постои и ќе се пронаоѓа секогаш, дури и кога е тешко, а надежта ќе ја има додека постојат вера и љубов.
Н.Н.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.