Skip to content

Не барај го од нас зборот кој ќе го стави во фокус – Еуџенио Монтале

Еуџенио Монтале (италијански: Eugenio Montale; 12 октомври 1896, Џенова – 12 септември 1981, Милано) – италијански поет, најпознат претставник на италијанскиот херметизам. Тој е добитник е на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1973 година и на Нобеловата награда за литература две години подоцна. Негови познати дела се „Аутодафе“, „Бура и друго“, „Сатура“ и други.

Монтале е најпознатиот претставник на италијанскиот херметизам. Идеолошката поента на поезијата на Монтале се состои во кризата на поединецот и неговите односи со стварноста, претставени во познатите метафори, како што се: „злото што го нагризува светот“, „полудениот компас“, „пролетите што не цветаат“, итн. Сепак, Монтале е идеалистички поет и ја негира историската компонента на своето нерасположение. Тој верува во метафизичкото зло, што е сраснато со вселената и кое го опколува човекот, како и во една метаисториска судбина што управува со човечките случки.

Самиот Монтале вели: „Предмет на мојата поезија е човечката судбина, набљудувана сама за себе, а не оваа или онаа историска случка. Тоа не значи издвојување од она што се случува во светот, туку единствено значи свест и желба суштинското да не се замени со минливото… Бидејќи од раѓањето почувствував целосна неусогласеност со стварноста што ме опкружува, предметот на мојата инспирација не можеше да биде ништо друго освен таа неусогласеност.“

Прочитајте ја една од неговите најпознати песни каде се зборува за кризата на поединецот и ќе ја почувствувате негогата лаичка метафизика.

„Не барај го од нас зборот кој ќе го стави во фокус…“ е една од најпознатите песни на Еуџенио Монтале, чии последни стихови критичарите често ги протолкувале како очигледен антифашизам.

Не барај го од нас зборот кој ќе го стави во фокус…

Не барај го од нас зборот што ќе го стави во фокус
нашиот дух бесформен, и низ слово пламено
ќе го отвори за да блесне како крокус
изгубен сред ледина од штур камен.

Ах, човекот кој со сигурност гази,
пријател е и на други и на самиот себе,
а сенката негова само за жегата од небеса
се грижи, за трагот што го фрла врз сронатиот ѕид.

За формула што ќе ти отвори светови не нè прашувај нас,
туку за понекој чкулав стих, и сув како гранче, вака.
Само тоа можеме да ти го кажеме во овој час:
тоа што не сме, тоа што не го сакаме…

Препев: Живко Грозданоски

Извор

Напишете коментар