И усни си прегризувам
и нокти в месо закопувам
и коси ми доаѓа да откорнам
само од тебе да не се разделам.
Нели ми вети?
Вети дека за раце ќе ме држиш,
вети дека заедно ќе шетаме крај реката,
вети дека ќе се прегрнуваме под облаците
и дека под ѕвездите моиве усни
со твоите ќе се спојат.
Вети и замина.
Замина за да не може да те допрам,
а тука си ми,
под прстиве.
Замина за да не може да те видам,
а тука си ми,
секогаш кога ги затворам очиве.
И во мене си.
И до мене си.
И насекаде си ти.
Како во се на светов твоето име
да се сокрило.
Те нема никаде.
А мене, пак душава ми трепери
од присуството твое.
Секаде околу мене си ти,
а те нема,
те нема никаде.
И пак ми доаѓа
усни да прегризам,
нокти в месо да закопам,
коси да откорнам.
Наместо тоа,
во главава само една мисла ми шета.
Каде бегаш, љубов?
Лина Димоска