Знаеш….таа ноќ ме погледна во темнината и ми рече остани. Ја наведна главата и продолжи да чмае во црнилото кое трештеше во истурениот немир кој беше го прегрнал во студот. Како да не можеше да диши, како да не можеше да зборува, како светот да му застанал тука,без воздишка во тој момент кој ми го украде. Го гледав со чудни очи иако само тие светеа во тие моменти. Ми рече пак не гледајќи ме во лицето, не барајќи ме во темнината, не погледнувајќи ме, ми рече само “Остани”.
Проговори тешко, со зборови искорнати од срцето, зборови измиени со солзи, удавени во јад. Но се останува ли до некој кој ти го удрил камшикот од душата? Кој ти ги згаснал боите на младоста, кој ти ги украл надежите, кој сè ти стопил во само неколку секунди? Некој кој ти изградил еден свет и ти го поклопил засекогаш?! Се останува ли до некој кој не знае да те чува, да те сака,да те вреднува, да те има?! До некој кој ти ги потрошил најубавите години, некој кој ти ги земал најубавите моменти, некој кој се потрудил да те усреќи а само те заробил?
Не, не можеш да си дозволиш да останеш до оној кој си го посакувала, до оној за кого си сонувала, до оној кој ти бил сè, а во само некој непознат миг ти постанал едно ништо, еден странец, странец со кој си имала спомени. Сè ти бил, и небо , и сонце, и младост,и сон, и иднина. Сè, за кое си сонувала некогаш, сè за кое си се надевала и си ги посакувала сите желби кога ѕвездите пливаат во небото.
Да, тој е оној кој ти застанал на патот со поглед, оној кој те освоил со збор, тој кој никогаш после тие бурни ноќи кои ги минуваше без тебе, сам, не беше истиот. Тој, тој кој ќе остави белег на младоста, бришејќи го со солзи кои ќе болат само заради изгубеното време,заради моментите на слабост, моментите на љубов. Љубов…а чекав само љубов, која денес ја нема. Ја нема ни во моето тело, се изгуби низ машината на јадот. Низ тоа невреме кое му ја залута душата како олуја која беснее.
Тој никогаш повеќе не дозволи да биде ист. Тој никогаш повеќе не посака да биде ист. Тој, тој беше само фраер кој се изгуби тогаш кога требаше најмногу да се пронајде. И не, нема да го боли, нема да го боли моето заминување. Нема да го боли тоа што ме нема. И не, ништо нема да биде, зашто не вреди да се остане. Кога еднаш со срцето си заминал, си заминал но овој пат засекогаш.
Ирена Блажеска
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.