Машина за перење – Виктор Кадинец
Не се изморив…
 Не се откажувам…
 Не ме поколеба…
 и сега што да барам
 од себе си повеќе од ова.
 Да барам ли причина во твојата отсутност,
 присутна или да бидам отсутен
 и така присутен во мислите твои.
Пред некој ден те препознав на улица,
 така како будалче и го довикав твоето име на една девојка.
 Ми се насмевна, ми рече не сум јас таа.
 Знаев и реков,
 јас кај неа живеам само во мислите,
 како најубава научна фантастика…
 ми се насмевна и ми рече: “Еее, мене некој да ме сакаше вака”.
 Ѝ се насмевнав и ѝ реков:
 “Девојче секој има свое време,
 некој и ќе те сака. Само дај му време на времето”.
Замисли те препознав, а не те запознав.
 Повеќе те уплашив…можеби од зборот
 од кој се плашиш најмногу – Љубов.
 Знаеш, подеднакво сме очајни,
 како тајмер на машина за перење
 кој кога тогаш ќе почни.
 Знаеш, дека после ова следува
 твојот најголем страв-погоре цитираниот.
Виктор Кадинец


