Занимливости и информации Поучни приказни

Еден збор сто лири – народна приказна

Едно време си живеел некој човек кој бил многу сиромашен. Еден ден тој и рекол на жена си дека ќе оди некаде, да се глави овчар. Отишол мажот да работи. Се главил некаде овчар, работел така петнаесет години и спечалил петстотини лири. Парите тогаш биле од злато. После петнаесет години работа, човекот решил да се врати дома. Кога тргнал на работа си оставил жена и едно мало дете. А кога се враќал дома, не можел во еден ден да пристигне и затоа решил некаде да преспие.

Останал во една куќа една ноќ. Сите луѓе што биле собрани во куќата зборувале, само домаќинот молчел. Секој по нешто ќе кажел, а тој – ништо. Сиромавиот човек што бил на гурбет ги прашал другите:

– Зошто човекон ништо не кажува?

– Е, – му рекле, – тој за пари зборува.

– А колку му чини зборот?

– Сто лири.

– Ќе му дадам сто лири, нека ми каже нешто. – му дал сто лири, а тој му одговорил:

– Да одиш само по прав пат, по крив да не одиш! – толку.

– Малко ми кажа, кажи уште нешто. – му дал на стариот сто лири, а тој рекол:

– Не се мешај во ничија работа. – толку.

– Јас, – рекол печалбарот, – овие пари со години ги заработував, но еве, ќе ти дадам уште сто лири за да ми кажеш уште нешто.

– Без да се распрашаш и провериш, ништо не прави! – рекол стариот.

Стариот толку кажувал за сто лири. Печалбарот станал да си оди за дома, но наместо да тргне по правиот пат решил да скрати низ шумата. Одејќи низ планината здогледал една куќа. Таму живеел еден џин со својата жена. Човекот тропнал на вратата, а џинот го примил внатре. Го послужиле со кафе. Се напил, се најал, а по вечерата џинот ја зел масата и со неа удирал по жената. Колку повеќе удирал, толку таа повеќе се смеела. Кога престанувал да ја мава таа плачела. Човекот сакал да праша зошто кога џинот ја удира жената таа се смее, а кога не ја удира плаче, ама се сетил на зборовите на старецот и си молчел. По некое време џинот рекол:

– Алал да ти е, човеку! Колку мина дојдоа до сега и никој од нив не издржа, сите почнуваа да се распрашуваат. Да проговореше и тебе ќе те изедев. Жено имаме ли некаква вреќа?! Дојди ваму и дај ми ја лопатата!

Се симнал џинот во визбата, а таа била полна со златници. Со лопатата црпел и ја полнел вреќата, а потоа му ја дал на човекот. Тој си заминал од таму и доцна во ноќта пристигнал дома. Погледнал низ прозорецот и видел како крај жена му седи некој друг маж. Се сетил на зборовите од старецот и се распрашал по комшиите кој е тој човек:

– Ах, будала! Тоа е син ти!

Човекот изумил колку години поминале отокако замина на печалба. Тогаш жената ја оставил со мало дете, но син му пораснал во голем маж. Затоа човекот рекол:

– Да му даде Господ здравје на старецот што ме посоветува. Јас својот син со пиштол ќе го убиев.

Толку. Приказната завршува тука.

Прочитајте ја и поучната приказна за пријателството со еден ранет гулаб.

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје