Си биле еден старец и една баба кои немале ни машко ни женско чедо. И побарале чедо од Господа. А Господ Бог им даде една коза. Еден ден бабата наумила да пере. Козата побарала таа да ги испере алиштата и рекла:
– Стави ми ги алиштата врз роговите.
Откако ги зела алиштата на роговите, отишла да испере на реката. Ги ставила на земја и си ја соблекла кожата. Кога си ја извадила кожата, светнала како силно сонце да блеснало. Ги испрала алиштата, ги зела и си отишла дома. Но додека перела на реката, наблизу беше дошол царскиот син. Кога блеснало сонцето од кај реката, тој отишол таму, ја видел девојката, потоа се вратил и дошол кај бабата. На бабата ѝ рекол:
– Дојдов да ми дадеш невеста.
– Јас немам девојче, туку имам коза. – му рекла бабата.
– Јас сум задоволен, ако е коза. – рекол тој, а бабата му ја дала козата за невеста.
Кога ја зел невестата, царскиот син ја внел козата во својата соба. Штом таа таму влегла, ја соблекла кожата. Тогаш дошло едно дете и викнало:
– Многу свети во собава!
Царскиот син, бидејќи знаел зошто свети, му рекол на детето да молчи. По некое време, царскот син со невестата ги повикале на една свадба. Пред да тргнат таму, невестата си ја извадила кожата и светнала како сонце. Отишле на свадбата, седеле што седеле и станале да играат оро. Кога почнале да играат, невестата викнала:
– О, леле, нозете! О, леле, главата!
Нејзината свекрва дома ја изгорела кожата. Штом изгорела кожата, невестата си умрела. Царскиот син си пошол дома и бидејќи знаел дека свекрвата ја изгорела кожата, ја фатил и ја отепал.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.