Понекогаш – Анастасија Лефкоска

Понекогаш ми иде да ти кажам,

а понекогаш да замолчам и никогаш да не проговорам.

Се лажам кога мислам дека воопшто можам да зборувам.

Ѕвездо сјајна, во мракот светлина,

Ќе ми дозволиш?

Ќе ми дозволиш ли да ти бидам небиднина?

Да ти бидам иднина,

да ти пишувам на грбот кога ќе немам хартија,

да те сонувам кога ќе немам соништа,

да војувам во твое име на сите светски боишта.

Доме, Државо и Земјо,

простете ми ако ве предадам,

ќе направам сѐ на ѕвездата да ѝ се докажам,

душава ќе ја извадам на виделина,

да види мракот што е светлина,

да види студот што е ѕвездена врелина.

Понекогаш, само понекогаш ми иде да залиптам,

на хартија демони да запишам,

на мракот да се предадам,

во куќата на литературата црта своја да оставам.

Понекогаш имам сила да побегнам од тие сивила,

а понекогаш тонам во нивната горчина,

додека се давам и од душава ми тонат од очај изворчиња.

Ајде дојди, запри ми ги мисливе што ме мачат,

што ме гушат ко да сакаат да ме убијат,

дојди,

пред последниот здив да го издишам,

пред демоните црни в зори бели да ме успијат.

Дојди и испрати ме,

ако треба и излажи ме,

прегрни ме додека ножот в срце ми го забиваш,

нема да приметам, ќе мислам само ме заспиваш,

со прекривка топла ме покриваш.

Црна ќе е ноќта,

дојди осветли ја,

душава скршена еднаш за крај погледни ја,

дојди да се смирам па замини,

остани, на тага еднаш да не мислам,

Па кога ќе ме праша бате да му кажам пред цијанидот да го испијам:

“Еј фамилијо,

да ми е да умрам таму каде што цел живот сакам да заспијам.”

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!