Оваа есен, исто како и неговите книги, навистина е преполна со изненадувања особено за многубројните читатели и фанови на Александар. По двете претходни книги, ,,Невеста од соништата” и ,,Змијарот”, пред некој ден излезе од печат и третиот негов роман за оваа година насловен ,,Ќе посакаш да умреш.” Нашата редакција по овој повод со огромно задоволство повторно убаво си помуабети со овој наш млад и надежен талент.
1. Александар, што направи, Александар! 🙂 Ова е веќе твоја петта официјална книга и дури трета за 2020-та година. Не знам од каде да го започнеме ова интервју, ако не со прашањето како воопшто успеа да напишеш и трета книга за толку кратко време? Дефинитивно, мора да имаш непресушна инспирација.
– Изгледа дека имам баш непресушна инспирација! Немам друго објаснување во моментов. Но, секако тука игра улога и времето за пишување кое го имам малку повеќе откако работиме од дома поради ситуацијата со вирусот. Во нормални услови, не верувам дека ќе напишев и втора, а не пак трета книга. Како и да е, ете и нешто позитивно од целата оваа пандемија…
2. Знаеме дека читателите не се навикнати на толку книги едноподруго особено од наш автор, па веројатно си добил некој коментар од типот дека книгата е малку избрзана и слично. Кој е твојот одговор на тоа?
– Искрено да, имаше и по некој таков коментар, но сепак јас не мислам дека е злонамерен. Ќе се оградам со тоа што ќе кажам дека инспирацијата просто никако не можеш да ја калкулираш, па да речеме секоја година да имаш по една книга. Така на пример ,,Џокер во покер” и ,,Страв од вистината” се од 2017-та година, па две години (2018-та и 2019-та) немало ниедна книга, па сега три, најмногу поради зголеменото слободно време за пишување. Кога имаш идеја, според мене треба што побрзо да ја реализираш. Да не бидам погрешно сфатен, но нели железото се кове додека е жешко.
Во ред е дека идејата можеш да ја запишеш за да не ја заборавиш, но кога потоа, по неколку месеци ќе се вратиш на неа, честопати тоа веќе не е тоа. Не е истата приказна, не се истите ликови кои тогаш си ги замислил во главата. Затоа, верувам дека ова подобро би го сфатиле оние кои и самите се автори. Освен тоа, нема и зошто да брзам, ниту живеам од книгите па ајде профит да се направи, кој кај нас реално и го нема, ниту имам издавач да ме притиска демек ајде побрзо нешто ново. Тоа е единствената вистина.
3. Во контекст на ова, како поминаа досега твоите две претходни книги ,,Невеста од соништата” и ,,Змијарот”, напишани и издадени исто така оваа година?
– Можеби малку ќе звучам нескромно, но приемот кај читателите е поуспешен и од очекуваното. И тоа најчесто се нарачуваат заедно како пакет, можеби и затоа што се два различни случаи со истите детективи. Секако, тука се и ,,Џокер во покер” и ,,Страв од вистината” кои иако се од пред три години, сепак за чудо или за среќа, уште се подеднакво барани и актуелни.
4. Oткриј ни малку и за што станува збор во новата книга. Што стои зад овој, мора да се признае, скокотлив наслов?
– Овојпат малку за промена, не станува збор за трилер туку за драмска мистерија, нешто малку попитко и полесничко, но сепак интересно четиво кое разработува навистина кревки семејни теми. Се работи за Владимир Илијески, средовечен бизнисмен чија што некогашна успешна компанија за градежни материјали, сега е пред банкрот. За неговиот очај да биде поголем, добива само критики од сопругата Олга која е опседната со идејата да посвојат дете. И токму кога мислат дека животите не можат да им се претворат во поголем хаос, ја пронаоѓаат мртва социјалната работничка што е посредник меѓу нив и сиропиталиштето.
Сега, Олга и Владимир сфаќаат дека покрај што ќе останат без пари, можат да станат и главни осомничени за смртта на несреќната жена. Принудени од околностите, се враќаат на местото на злосторството, но крвта во вените уште толку им се заледува, кога притоа откриваат црна ќеса полна со коски… Тука ќе застанам и ќе им оставам на читателите самите да прочитаат и да ја расветлат мистеријата.
5. Баш интригантно! Дали тоа значи дека повторно нешто интересно нè очекува на крајот?
– Па, кога сум јас во прашање, повеќето знаат што да очекуваат. Иако овојпат можеби нема нешто до толку шокантно како на пример во ,,Страв од вистината”, сепак и овде верувам дека самиот епилог многумина добро ,,ќе ги пецне”. 😊
6. Она што исто така е ново е тоа дека твоите книги веќе се достапни и можат да се најдат и во некои градски библиотеки. Кажи ни нешто и за ова.
– Да, точно е. Моментално моите книги, со исклучок на новата, се достапни за изнајмување во библиотеките во Штип и Делчево. Се преговара и со уште неколку градови паралелно, но како и каде ќе се проширува достапноста, читателите ќе бидат навремено известени. Идејата е на самите локални библиотеки и јас навистина сум им многу благодарен за соработката.
7. Ти си редок жив доказ дека и без издавач зад себе, автор може да има илјадници задоволни читатели низ Македонија. Според тебе, постои ли воопшто некаква предност ако книгите се издаваат самостојно?
– И покрај тоа што е екстра напорно кога немаш помош од издавачка куќа, реално и тогаш постои предност, а тоа е енергијата која се посветува во промовирањето. Издавачот има многу свои изданија и колку и да го сака тоа, не може да им се посвети само на Вашите книги во поглед на маркетингот. И не е само маркетингот, важна е и присутноста на самиот автор меѓу читателите, учеството во дискусиите со нив за други книги итн. Ако само набљудувате од сенка и седите со скрстени раце и најдобриот издавач нема да ви е никаква гаранција за успех.
8. Знаеме дека си моментално во тотален хаос со оглед на тоа дека правиш сè сам, па дури и лично ги испраќаш сите нарачки. Навистина, секоја чест за трудот и организацијата! Затоа нема да ти одземаме повеќе време. За крај, накратко, што ќе им порачаш на читателите?
– За жал, повторно морам да им порачам на сите првенствено да се грижат за себе и за своето здравје, како и да носат заштитни маски. Исто така, нормално, им пожелувам што повеќе да уживаат во она што ги исполнува, да читаат што им душа сака и постојано да се надоградуваат себеси на секое можно поле.
***
Сега навистина веруваме дека Александар ќе одмори малку oсвен ако инспирацијата повторно набрзо не му затропа на вратата. Нашата редакција од срце му пожелува да ужива во плодовите од своите дела затоа што навистина заслужува.
Секој кој барем малку редовно следи што се случува по книжевните групи, знае дека сите негови книги се нонстоп читани и коментирани.
Оние кои што сè уште не прочитале ништо од овој наш талентиран автор, а се љубители на напнати и неизвесни приказни до самиот крај, за нарачка на неговите книги можат да се обратат директно во порака кај Александар.