Носталгија како повик
на измешани мисли и сеќавања
ноември е мој месец,
го бележи моето пристигнување
во списокот на дојденци,
нови гости во светот.
Со дваесет и седум лета,
некогаш ми се чини животот
низ прсти за час ми прелета,
а некогаш како да сум жива два века.
Ноември е сведок на нов почеток,
на една тажно-среќна приказна зачеток.
Есента ме повикала,
одговорот на нејзиниот повик
ми е запечатен в отпечатоциве
небаре врежан во мојата ДНК,
каде секој атом и клетка
имаат своја шифра,
запечатени во генетскиот код.
Горда на својот род,
а некогаш ужасната се прашувам
со кого делам кислород
без да барам одговор,
знам дека тој е некаде надвор.
Го барам својот одговор,
од ноември до ноември,
од првиот здив до сегашниов,
сум трагач по добрина,
трагач по правда и мир.
Ќе бидам светлост во тмурни дни,
ќе бидам надеж кога ќе ја има најмалку,
како ветер ќе ги дувнам сите грижи
небаре дувам роденденска свеќа.
Од ноември, до ноември,
ќе чекорам бестрашно
до мојот последен здив.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.