Skip to content

Огледало – Анастасија Л.

Тивко полека,
падни на колена,
тивко полека, заплачи,
душа своја распарчи.

Залутај низ гори и планини,
извлечи поука,
читајќи приказни од дамнини.

Посети лажни пророци,
нека ти ги простат гревовите
и сите твои пороци.

Низ голгота помини,
умри,
остани во пеколот,
остани со години,
а потоа воскресни,
појави се
и тага нечива олесни.

Грешен човеку,
сврти го светот наопаку,
цел живот пости,
натерај го срцево да ти прости.

Врати се дома со насмевка голема,
избриши ја од челото потта солена.

Отклучи го од таванот влезот,
од огледалото тргни го превезот,
тогаш притаи го својот викот,
кога во него ќе си го видиш ликот.

Болен, блед,
до него слика и стаклено шише,
со мизерен поглед во очите,
истоштен од ноќите,
го зборува она што не се брише.

Немајќи каде да избегаш,
се навраќаш,
се сеќаваш,
лесно тагата се простува,
а љубовта,
не,
никогаш.

Напишете коментар