“Време – невреме.” Така велат околу мене постарите. Сме живееле од денес за утре, а тоа некажано “ние” е мојата генерација. Кариера, пари, соништа удобен живот. Нормален живот. Живот без страв. Па, да ви кажам искрено не е ни чудо што сите сонуваме за тоа како се возиме низ ЛА додека ечи на радиото Хотел Калифорнија. Не е времето – невреме, туку приоритетите се сменети. Соништата се сменети – дозволени. Инспирацијата и аспирацијата како и упорноста се дупло појаки одошто биле пред педесетина години. Слобода на говор, на артистичко изразување, на слободен избор надвор од традициите, сѐ тоа си има влијание и она “време – невреме” чудно е зошто не можело претходно поинаку да се замисли.
Не сакаме веќе да ќутиме. За девојчињата најголемо достигнување сега не е мажачката туку, (покрај сѐ останатото) кариерата, успехот, моќтa нешто да се промени во патријархалното општество за утре идните ќерки и внуки да можат слободно навечер низ парк да газат без страв од напад. Бебешки чекори се направени, од Рут до Марша и сите пред нив што се незапишани па сѐ до Џасинда и Камала и сите што по нив ќе цврсто и гордо газат по нивните макотрпни чекори.
За момчињата од друга страна, приоритет не се веќе притисоците за издржување, за криење на емоции и занемарување на сопствените стравови, туку, борбата за подобро утре, за утре исполнето со чувства, со автентичност и љубов према себеси. Тоа е тоа. Тоа е животот што го сакаме, тоа е “времето – невреме” што го нарекувате. Иднината која без разлика на род, раса, религија и определеност сите ја заслужуваме. За тоа се бориме. За подобар менталитет, за подобар живот, за слаткиот живот.
Затоа главата горе пријатели, La Dolce Vita допрва доаѓа.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.