Skip to content

Успехот не паѓа од небо, исто како и неуспехот

Пред малку се инспирирав, и седнав да го напишам следниов текст. Честопати сум размислувала која е разликата помеѓу успешните и неуспешните луѓе. Успехот се дефинира на различни начини. Во психологијата во некои дефиниции се опишува како остварување на поставените лични цели. Или на пример реализација на зададени задачи во одредени области. Навистина постојат многу начини за да се прикаже што значи успевањето.

Постојат многу книги за мотивација кои се пишувани токму на ова тема. По сè изгледа дека дефиниции за успех ќе постојат онолку колку што има луѓе што успеале. Она што го знам со сигурност е дека нема само еден точен рецепт за стекнување успех. Меѓутоа постојат одредени фактори кои допринесуваат за тоа дали ќе успееш или не. Повеќето од нив се наоѓаат во тебе, односно од твоите постапки, лични животни навики, потоа склоп на карактеристики, ментален склоп, мотивација итн.

Има стотици книги од различни области кои на успехот му пристапуваат од различни гледишта. Наполеон Хил рекол: „Почетната точка на секое постигнување е желбата“. Додека Пабло Пикасо изјавил: „Преземањето акција е фундаментален клуч за секаков успех“.

Што е заедничко за успехот и неуспехот?

Заедничко и за успехот и за неуспехот е трудењето. Обидот. За да постигнеш успех треба да вложиш труд, но и неуспехот не паѓа сам од небо. Она што ги прави различни овие два поима е тоа што успехот доаѓа ако не се откажеш и покрај повеќе неуспешни обиди. Значи разликата е во (не)откажувањето. Затоа постојат многу неуспешни обиди кои не завршуваат успешно, токму дека при првиот обид многумина се откажале.

Конзистентност, упорност и истрајност се заеднички компоненти што влегуваат во успешно постигнати резултати, речиси во сите области. Точно е дека ништо не ни доаѓа сервирано на тацна, уште поточно е дека треба да се потрудиме за да стигнеме до нешто (некоја замислена цел).

Условите од средината не се секогаш пресудни или показател за успешност. Примери за тоа се многу успешни луѓе кои почнале од нула, а денес се на позиции за кои не ни сонувале. Такви ги има во сите сфери од општественото живеење. Што е само доказ дека тие не чекале некој друг да им сервира нешто, туку презеле акција и постигнале сами со сопствен труд.

Нема да издвојувам во моментов никого, но има редица луѓе што се инспиративни сами по себе со нивните животни приказни. Што е заклучокот? Дека во нашите раце е клучот за (не)успех. Од нас зависи дали ќе ја отвориме таа долго посакувана врата. Сите имаме различни клучеви и сите врати се со различна боја. Но сите значат постигнување, некаква реализација.

Успех за некого е што се разбудил наутро, отворил очи и има можност да го пие кафето во тишина. Сите успеси навидум малечки и незначајни се чекор до нашата цел. Радувајте им се на малите нешта што ве тераат да се чувствувате корисно и исполнето. Слушајте го внатрешниот глас кој ви вели “и денес успеа“, “немој да се откажеш, на чекор си поблиску до целта“, “само продолжи понатаму“ и верувајте во себе.

Вербата прави чуда, го поместува и навидум неподвижното, ја руши и некршливата карпа. Кога силно верувате во она што го посакувате, и вложувате напор и труд во негово остварување (без откажување), успехот сам по себе е гарантиран.

Н.Н

Напишете коментар