Книжевноста е најцелосна и највпечатлива манифестација на рускиот креативен дух. Таа не само што носи естетски, морални и духовни вредности и верувања, туку претставува и филозофија на рускиот човек, начин да се погледне во животот, како што велат водечките руски филозофи. Великите руски поети и писатели секогаш биле гласот на човековата свест и душа, та затоа и морале да патат.
Приоритетот на книжевноста во културниот живот на рускиот човек може да се објасни со нејзиното потекло и значењето што го добива од моментот на појавувањето. Пишаниот збор во на руско тло доаѓа однадвор, заедно со христијанството. Книгата во Русија се појавува во форма на света литература, на тој начин, одредувајќи ги местото и улогата на книжевноста во историјата на руската култура.
Како и да е, не треба да се заборави богатството на народната мудрост и нејзината креативност, тој жив извор на исконско знаење и инспирација за писателите и мислителите за веки веков. Јазикот и духот на народната книжевност во форма на песни, бајки, епови итн., ѝ носи оригиналност на руската литература. Така, книжевноста на оваа земја е плод на мешање меѓу народната уметност и црковните текстови, при што се одразува испреплетувањето помеѓу паганството и христијанството во руската културна традиција.
Народна книжевност
Народниот епос изразен во народната литература има три степени на развој: митолошки, херојски и историски. Словенската митологија се измешала со подоцнежното христијанско влијание, па така, сѐ уште можеме да видиме дел од верувањата на тие луѓе, пред сѐ преку делчиња од усната народна мудрост, зачувана до ден денешен. Тоа може да се забележи во обредните и свети песни, кои ги придружувале паганските обреди и го симболизирале заемното дејство, но и борбата меѓу разни сили во природата. Митологијата е очигледна и во старите бајки, кои, сепак, со текот на времето, доста се измениле, пред сѐ поради многуте богати детали вметнати подоцна. Старите верувања се задржале и во клетвите и благословите, пословиците и поговорките.
Билините (од „бил“, односно нешто што навистина се случило) се херојски епски приказни за богатирите (моќни јунаци), кои заеднички ја чуваат руската земја од непријателите. Поседуваат одредени натприродни моќи и имаат по нешто заедничко со грчките митолошки јунаци, иако имаат своја оригиналност. Сликите за богатирите, како што се Микула Сељанинович и идеализираниот и моќен Иља Муромец, ги носат со себе високите морални вредности на рускиот човек.
Подоцна билините им го отстапуваат местото на историските песни, кои се попрецизен одраз на бурните историски времиња, како што е монголскиот јарем, обединувањето на Русија од страна на Иван Грозни итн. Лирските песни ги откриваат најскриените мисли и чувства на Русите. Главното расположение во народната лирика, исклучителна по својата поетска нежност и чувствителност, е забележително тажно и исполнето со копнежи, но на моменти станува и необично живо, па дури и бунтовно. Таквите песни ни даваат да погледнеме внатре во загадочната руска душа.
Црковното влијание и раната литература
Со векови црковната литература останала главен духовен и морален извор за рускиот човек. На тој начин, таа влијаела на оформувањето и на народниот карактер. Подоцна руските писатели обезбедиле теоретска основа за идејата за обединување на руските земји, како и за национално и религиозно единство на Руското Царство.
Најважни текстови од Киевскиот период се учењата на Иларион од 11 век, потоа Повеста за минатите времиња, дело кое се смета за најстара руска хроника, учењата на кнезот Владимир Мономак, Словото за походот Игорев (12 в.), Странствувањата на Данаил (12 век). Сиве овие текстови се примери за една жива поетска креација. Тоа е време на големи книжевни активности на руското тло, при кое се одредуваат и шемите за литературните видови и родови за наредните векови.
Руската книжевност во доцниот Среден век го носи со себе чувството дека Русија е „избраната“, односно дека Москва е „третиот Рим“. Во исто време, народната поезија се стекнала со голема моќ, убавина и експресивност, но писателите на Стара Русија ретко прибегнувале кон овој непресушен и прекрасен извор. Кон крајот на 16 век, се забележуваат и туѓи влијанија.
Во потрага по национална оригиналност
Во доцниот 17 век, руската култура потпаѓа под силно влијание на западноевропските вредности. Пресвртот во рускиот мироглед, кој се совпаѓа со јазичните и граматичките реформи, резултира со културна криза во 18 век. Писателите од тој период се нишаат помеѓу чистата имитација на француските дела и барањето сопствени теми, јазик и стил. Стремежот кон национална оригиналност може да се види низ целиот тој период: Тредјаковски и Ломоносов се творци на Теоријата за руското стихотворство; Сумароков, со тенденцијата да биде рускиот Расин и Волтер, твори песни во народен стил; Фонвизин пишува комедии за секојдневниот живот во Русија и користи жив, разговорен јазик; Державин е предвесник на „светиот род“ во подоцнежната руска лирика. Рускиот јазик ја наоѓа својата конечна форма во делата на Карамзин, Жуковски и Пушкин.
Епохата на Александар Први е време на големи творечки случувања, време кога руските писатели ја доживуваат радоста на независната креација, оригиналноста и автентичноста на националниот дух и стил. Најзначајно место тука зазема Александар Пушкин. Примена е тогашната европска современа култура, која доаѓа до израз, иако подоцнежните генерации развиваат силна словенофилска струја, која не е само национална и психолошка, туку и културна и уметничка.
Романтизам
Од четириесеттите години на предминатиот век, во книжевноста се забележува порастот на моралниот и метафизички неспокој, кој наоѓа теоретски израз во романтизмот. Литературните ликови се чувствуваат неспокојно, како да се на погрешно место. Темата за „непотребниот човек“ пламнува во литературата: Лермонтов дава незаборавна слика за духовните сензации на тоа време, кои се мешавина од возвишеност и сомнеж, во своето дело Херој на нашето време. Гогољ со својата извонредна сатира ги обработува религиозните и моралните теми во руската култура, кои стануваат многу проблематични во текот на 19 век.
Големите реформи и социјалните прашања
Времето на „големите реформи“ (шеесеттите и седумдесеттите години од предминатиот век), го привлекува вниманието на литературата кон социјалните прашања. Прашањето за надминување на трагичната осаменост на личноста во светот е решено од писателите, кои трагале по формите за хармонична социјална комуникација, главно опишувајќи го животот на обичниот човек. Во исто време, се случува и болен судир меѓу надоаѓачките нови естетски вредности и новите филозофски и религиозни будења. Две големи креативни струи почнале да ја обликуваат руската книжевност.
Приврзаниците на „чистата уметност“, како Григорјев, Дружинин и Фет, застанале против утилитаристичката морална функција на книжевноста, додека Лев Толстој се стремел кон „уништување на естетичното“, за сметка на моралната преобразба на луѓето преку уметноста. Религиозниоте одрази наоѓаат свое место во делата на Фјодор Достоевски, кој со извонредна творечка моќ, покажува како изолираната и горда човечка слобода резултира со ропство и самоуништување.
(Достоевски, портрет од 1847 г.)
Сребреното време
Годините што ѝ претходат на Револуцијата, носат нов литературен подем, та затоа се познати како „сребрено време“. Се менува чувството за самиот живот. Чувството за крајност расте сѐ повеќе и повеќе. Се откриваат нови длабочини, кои понекогаш се темни бездни. Може да се почувствува грубиот апокалиптичен ритам.
Новиот процут на руската поезија започнува во 90-тите години од 19 век. Симболизмот станува не само литературно движење, туку и ново духовно искуство. Поезијата и книжевноста, воопшто, повторно добиваат посебна и витална важност, служејќи како пат до вечноста преку уметноста. На тој начин се оживува и романтизмот во руската душа. Во противречниот спој од бунтовност и замор, себеафирмација и меланхолија, книжевниците се стремат да отидат „зад границите на доброто и злото“, да ја надминат етиката со естетиката.
Мистицизмот кај Соловјов наоѓа генијален поетски коментар во делата на Александар Блок. Религиозниот восхит на симболизмот, кој го доживува поетот како посредник на големите, ирационални сили, предизвикува реакција во акемизмот и неговата разумна волја во поетското творештво (Николај Гумлиев, Ана Ахматова, Осип Мандељштам).
20 век – по Револуцијата
Револуцијата од 1917 година внесува една вештачка поделба на руската книжевност на домашна и емигрантска, кога многу извонредни руски книжевници наоѓаат спас надвор од татковината. Како и да е, во реалноста, литературата ја задржува својата единственост, засновајќи се или припаѓајќи им на традициите на класичната руска култура. На овој или оној начин, тоа го среќаваме кај Иван Бунин, Владимир Набоков, Михаил Булгаков, Михаил Горки, Борис Пастернак и многу други.
Во исто време, следењето на традицијата не ја исклучува потрагата по нови форми. Постреволуционерната проза и поезија покажуваат неверојатна разновидност. Извонредни примери за руската проза наоѓаме кај Александар Солженицин. Во областа на поезијата, особено се истакнува Јосиф Бродски.
Руската литература стана исклучително важен дел од светската култура и е многу ценета од најголемите светски литературни умови.
Извор: http://russia-ic.com/culture_art/literature/169/#.T9WtTpiP5IA
Превод од англиски: Симеон Јанков