Колумни Литература

Не, не сакам да бидам иста како другите

Тргнав да пишам два-три реда со намера да станат строфа. После тоа мислев да не биде песна туку да напишам расказ. Тие два-три реда зборови не доаѓаа, а мислите во глава танцуваа како снегулки под улична бандера. Ако има ова смисла. Всушност си велам зошто да нема? Сите имаат видено како снежните парчиња играат танц околу сијалицата приквечер, ако се потрудиле да забележат.

Расказот даваше отпор да биде напишан, како да велеше: „Чувај ги зборовите, не ги расфрлај по листот, стокми ги убаво“. Јас пак сакам да биде шаренолико, со чкртки, никогаш тетратката не ми била целосно средена и уредна. Му велам: „Имам и за тебе зборови, не се грижи. Само не си ти на ред денес“. Така дојде идејата за денешниов текст кој требаше да биде песна, но не ѝ било пишано.

Прво настана насловот. Како хаосот при настанување на светот, како ембрионот пред да излезе од матката зачнат во утробата на мајката. Потоа се редеа зборови, еве ги уште се везат, се прашувам која им е поентата. Се потсетувам на насловот и која е неговата порака. Впрочем не е порака, туку констатација, ако некого го интересира. Тој е напишан во прво лице, затоа тврдењето е личен став и излагање исклучиво на авторот кој го напишал овој текст, не ги претставува ставовите на останатите автори.

Авторот сум јас, девојката која покрај што не сака да биде иста ја имала таа среќа или несреќа да се двои во разноликоста баш поради нејзината различност. И желбата ѝ станува реалност уште пред да знае за себе. Не е лесно да се двоиш, ох колку голем товар знае да биде тоа понекогаш. Но и колку голем благослов истовремено зошто секогаш излегуваш од шаблонот на едноликоста. Затоа не сакам да бидам иста како другите. Никогаш не сум се обидувала ни да бидам.

Во тоа се состои мојата моќ на мислата, бидејќи никогаш не се споредувам со никого освен со самата себе. Сите ние сме различни единки, вредни како такви, луѓе со свои квалитети, предности и мани. Секој од нас има нешто кое го издвојува од останатите и истото е печат на сопствената индивидуалност. Ќе речам: „Само “избраните“ имаат таква судбина (ако може да се нарече така) или к’смет речете го, да бидат препознаени како “издвоени“ од толпата по нешто, некое обележје или карактеристика.

Не зборувам овде за лепење никакви етикети или прекари туку индивидуалност богата со духовна енергија, дарби, таленти, доблести кои сите ги имаме на некој начин…Единствената разлика е што ние сами треба да препознаеме дали тие наши индивидуалности ќе ги негуваме и ќе ги претвориме во поголеми доблести или ќе ни биде сеедно. Бидејќи сме луѓе со емоции, никогаш не може да ни биде сеедно. Освен ако немаме рамнодушен став, а таа пак рамнодушноста е грабливка на среќата, на моќта да се чувствува сегашниот миг во потполност.

Почнав со една мисла, но од танцувањето мислите ме насочија во многу правци. Затоа никогаш не се договарам со зборовите однапред. Планот, тие и јас сме скарани, секогаш тргнувам во една насока, тие ме влечкаат во друга. Постојано се случува тоа, но барем гледам да им најдам поента, ако не можат да најдат тие самите.

„Не, не сакам да бидам иста како другите“ – може да се сфати и како смислата на овој пишан текст. Тој не е ист како останатите досега мои напишани текстови, колумни, раскази. Се разликува од сите претходни, а јас мислам дека во тоа е неговата убавина. За да не биде многу сум напишала, а ништо не сум кажала, во склад со времето и неговото рационално трошење, јас ќе го оставам читателот со едно прашање, а потоа и една крајна мисла.

„Драг читателу, зошто не сакаш да бидеш ист?“ „Не сум иста, никогаш не сум ни била, нема ни да бидам“.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје