Со полу отворени очи ја гледам мојата стопанка, која, како секое утрo, така и ова, седи на фотељата и го пие топлото кафе, како зјапа во мене. Таа некогаш вели дека ми е сестра, некогаш мајка, ама јас си знам дека ми е стопанка. Погледот и свети и во нејзините очи се одразува мојата силуета. Колку убав мачор сум јас, си мислам и ја вртам главата кон прозорецот.
– Франц, Фраанц. – ме довикува со нејзиниот глас. Не го свтувам погледот. Не дозволувам нејзиниот глас со длабока боја, за една ситна жена, како што е таа, да ми го расипе уживањето. Сакам да седам горе, на каучот и да гледам низ прозорецот. Денес сонцето пак силно свети, а на дрвото во дворот стојат две-три птици и потпевнуваат. Би можел да станам и да ги изедам, но Оља, мојата стопанка, ме храни со квалитетна храна.
Замислете, таа дури се осмелува да мисли дека не размислувам! Чудна е. Многу е чудна. Работи во некоја банка и мисли дека е паметна жена, а всушност и не е толку, штом се осмелува да мисли дека не размислувам. Не ја сакам многу. Всушност воопшто не ја сакам. Се сеќавам на денот кога првпат дојдов во оваа куќа, која денес ми е дом. Ме разделија од мајка ми, а имав само два месеци. Тогашниот мој стопан ме нарекуваше Сивчо, можеби затоа што моето крзно е совршено сиво. Но Оља ми го смени името. Ме нарече Франц Кафка. Се чудев какво е тоа име. Подоцна сфатив дека тој чичко, Франц, пишувал книги. На Оља ѝ бил омилен автор.
Оља воопшто не ја сакам. Ме греби со нејзините долги, вештачки нокти, додека чита книги или додека гледа филм. Дури си мисли дека тоа ми се допаѓа. Но морам да се умилкувам. Таа сепак ме храни. Повеќе го сакам нејзиниот брат, Тасо. Тој толку убаво ме масира по телото. Знае да ги погоди сите мои точки. Сам му рипам во скутот. Го сакам. Таско навистина го сакам.
Но Оља е различна од него. На секои три месеци ми тура некое чудно средство кое мириса на хемикалии. Секогаш ми зборува дека благодарение на тоа средство крзното ми останувало чисто и без болви. Се осмелуваше и да ме бања, додека бев помал и не можев да ја совладам. Ќе ме грабнеше со ноктите и ме фрлаше во кадата. Жешката вода ми го уништуваше крзното. Глупава жена! Која мачка сака да се бања?
Кога и да настинам, дури и да кивам неколку дена и да лежам без да се поместам, доаѓа еден чуден човек. Мисли дека е доктор. Ми става инекција и по два-три часа веќе ми е подобро. Но тие боцкања во моите бутови ужасно болат, а настинот и без тоа ќе ми помине. Еднаш носев некаква пластика околу вратот. Личеше на инка. Седев затворен во собата на Оља две недели. Замислете, цели две недели. Да затворите мачор две недели дома во февруари. Таа ми стави и песок, за кој ја излагале дека има посебен мирис, за да какам и мочкам во него. А јас знам да какам и мочкам надвор од куќата! Таму сакам!
Две недели не успеав ниту да мочкам, ниту да какам. Полудев. Молев пред вратата да ме пушти надвор, ама не. Таа мислеше дека раните на моето тело се од некоја болест, ама не бев болен. Успеа да ме грабне песот на соседите, Шарко и да ми го искине телото. Едвај спасив жива глава.
Понекогаш во куќата на Оља доаѓа еден човек, уште почуден од неа. На почетокот ми се чинеше дека е добар. Го сакав. Едвај чекав да почнам да предам во неговиот скут. На крајот сфатив дека и е љубовник на Оља. Сака ли да ми ја одземе? Или кројат план за да ме исфрлат од куќата?
Оља полека станува од фотељата и чувствувам дека се доближува до мене. Во крзното ми ги качи вештачките нокти, кои минатата недела ги бојадиса во виолетова боја.
-Франц, сакаш ли од грицките со вкус на лосос? – ох грицки со вкус на лосос. Таа стана и зачекори низ собата а јас рипнав по неа…
Лина Димоска
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.