Вилијам Блејк (англиски: William Blake; 28 ноември 1757 – 12 август 1827) — англиски поет, визионер, сликар и бакрорезец. Сосема непознато во текот на неговиот живот, делото на Блејк денес се смета за единствено, оригинално и особено значајно во историјата на поезијата и ликовната уметност.
Според Нортроп Фрај, кој е еден од најзначајните истражувачи на целокупниот поетски опус на Блејк, неговите пророчки книги се „обратно-пропорционално на нивното значење, најнечитаните дела во историјата на англиската книжевност“. Многу ја имаат величано Блејковата оригинална работа во рамките на ликовната уметност и барем еден критичар има речено дека Блејк е „убедливо најголемиот сликар што го има дадено Британија“.
Без разлика на тоа што денес неговата ликовна уметност и поезија се разгледуваат одделно, Блејк најчесто двете ги поврзува во една целина, формирајќи еден прекрасен склоп кој истовремено им се противи и ги надминува сите конвенции. Иако целиот живот верува во својата способност да зборува со библиските пророци, и и покрај неговата работа во однос на илустрирањето на „Книгата на Јов“, Блејковата несомнена приврзаност кон Библијата е постојано придружена со анимозитет спрема востановената црква, а самите негови верувања се обликувани преку неговата фасцинација со мистицизмот, кој пак ќе биде еден од столбовите на новороденото романтичарско книжевно движење.
Вилијам Блејк е роден на улицата 28А Броуд во Лондон, Англија, на 28 ноември 1757, во семејство од граѓански сталеж. Блејкови биле дисиденти и се верува дека биле приврзаници на Морависката црква, движење кое тврдело дека Библијата е единствениот извор на религиски закони. Библијата било рано и длабоко влијание врз Блејк и ќе остане главен инспиративен извор за него до крајот на неговиот живот.
Релјефно гравирање
Во 1788, на возраст од 31 година, Блејк почнува да експериментира со релјефно гравирање, метод што сам ќе го измисли и ќе го користи при создавањето на неговите книги, слики, памфлети и секако, поеми, вклучувајќи ги и неговите пророштва и неговото ремек-дело “Библијата“. Процесот уште се нарекува и илуминирано гравирање, при што, како конечен продукт се добиваат илуминираните книги. Илуминираното гравирање означува еден процес во кој, на бакарни плочки, се внесува текст со помош на медиум отпорен на киселина. Илустрациите можеле да се појавуваат отстрана, нешто слично како раните илуминирани ракописи.Потоа Блејк ги ставал плочите во киселина, со цел да се раствори непотребниот бакар и записот да остане во релјеф (оттука потекнува и името).
Творештво
Околу 1800 година, Блејк се преселува во куќичка сместена во Фелфам во Сасекс, и добива работа како илустратор на делата на Вилијам Хејли, второразреден поет. Токму овде Блејк ќе ја напише поемата Милтон (издадена меѓу 1805 и 1808). Прологот кон ова дело вклучува една песна што започнува со зборовите “И дали тие древни нозе”, кои ќе бидат предлошка за создавање на познатата химна, “Ерусалим“.
Блејк се враќа во Лондон во 1802 и почнува да ја пишува и илустрира Ерусалим (1804–1820), неговото најамбициозно дело.
Блејк го презирал ропството и верувал во расна и полова еднаквост. Во неколку од неговите песни и слики, тој ја искажува својата идеја за универзалноста на човештвото: “Зашто сите луѓе се исти (иако бесконечно се разликуваат).
Ги негира сите форми на наметна авторитет; дури и бил обвинет за изрекување на бунтовни и заканувачни зборови против Кралот во 1803 година.Блејковите размислувања во врска со она што тој ќе го гледа како потиштеност и ограничување на човековата слобода ќе отидат и до Црквата. Неговите духовни идеи се застапени во Песни на Искуството (1794), каде тој ја покажува уникатноста на своите верувања, која ги меша влијанијата од старозаветниот Бог, чии рестрикции Блејк ги отфрла, и Новозаветниот Бог (Исус Христос), кој Блејк го гледа како совршено позитивно битие.
Дантеовиот Пекол
Идејата за сликање на Дантеовиот Пекол му доаѓа на Блејк во 1826 година, преку Џон Лајнел, со конечна цел да се произведат серија на гравури. Сепак, неговата смрт во 1827 ќе го прекине потфатот и ќе бидат насликани само неколку акварели, од кои само седум ќе станат гравури од оној тип како што биле првобитно замислени.
Блејк го дели Дантеовиот презир спрема материјализмот и спрема коруптивната природа на моќта, и безгрешно ужива во можноста графички да ја претстави атмосферата и фантазијата на Данте. Дури и на смртна постела, Блејковата основна преокупација ќе биде трескавичната посветеност на Дантеовиот Пекол; се вели дека својот последен шилинг го има потрошено за да купи молив со кој го продолжил скицирањето на ова дело.
Блејковите визии
Уште од мал, Вилијам Блејк тврдел дека имал визии. Најраниот забележан пример е оној кога Вилијам имал осум или десет години, и кога кај Пекам Реј во Лондон, рекол дека видел дрво полно со ангели што “ја осветлувале секоја гранка како ѕвезди.”
Блејк тврдел дека искусува визии во текот на целиот свој живот. Често биле поврзани со прекрасни религиозни пасажи и слики, поради што најверојатно го инспирирале да го продолжи неговото митско духовно патување. Токму религиозните концепти и фантастичните фигури играат главна улога во творештвото на Блејк. Бог и христијанството го сочинуваат интелектуалниот центар на неговото творештво од каде тој ја црпи својата инспирација. Блејк верувал дека бил лично воден, советуван и храбрен од архангелите за да ги создаде своите уметнички дела, кои, како што велел, биле читани и обожавани од истите тие архангели на Небото.
Песни на невиноста и искуството
Едно од неговите најпознати дела е книгата наречена Песни на невиноста и искуството. Објавено е во 1789 година и е инспирирано од осветлени ракописи направени од монаси во средновековно време. Една од најпознатите песни во книгата се вика Тигар.
Тигар
Ви го пренесуваме и препевот на песната направен од Влада Урошевиќ.
Тигар
Тигру, тигру, ти што светиш
среде шуми темни, клети,
кој ја созда, јас те прашам
симетрија твоја страшна?
Во кој бескрај, долу, горе,
жарот в око твое горел?
Кој го скротил огнот лилав?
Со какви тој летал крилја?
Каква ука, каква сила
в лак срцето ти го свила?
А пред да стрепти тоа диво
чија рака му дала живот?
Со каков чекан тој го ковел,
во каква печка, умот зловест?
Со каков удар, каков потег
бил тој смртен ужас скротен?
Дали кога светли ѕвезди
испуштиле солзи в бездни
тој своето го видел дело?
Ист ли создал Јагне бело?
Тигру, тигру, ти што светиш
среде шуми темни, клети,
кој ја созда, јас те прашам
симетрија твоја страшна?
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.