Човекот отсекогаш имал потреби што треба да ги задоволи. Како физиолошки, така и егизстенцијални, а потоа сите останати поврзани со неговиот начин на живеење и функционирање. Драг читателу штом ти го читаш овој текст тоа значи дека ти можеби имаш сè што ти треба во животот. Сакам за миг да запреш читајќи и да размислиш на следново прашање. Што ти недостига токму во овој момент? Не продолжувај со читање додека не одговориш. Дај си време колку што ти треба.
Одговорот може да варира зависно од твојата моментална ситуација. Дали прво си помисли на некое човечко суштество? Или пак на нешто материјално, некој предмет што се купува со пари? Можеби помисли на нешто нематеријално, како среќа, мир, спокој или здравје. Секој од нас ќе помисли прво на она што најмногу му недостига. А тоа говори многу за потребите и недостигот што го чувствуваме длабоко во себе.
Постои варијанта токму во овој момент да не ти недостига баш ништо. Тоа значи дека поприлично си во хармонична состојба, еден вид хомеостаза. Ова е одлично да се почувствува, продолжи да го одржуваш тоа темпо.
Прашање за кое вреди да се размисли
Да постоеше пазар каде што секој од нас ќе можеше да купи сè што посакува во истиот момент при посетата на пазарот за минимална сума на пари, што ќе си купевте?
Ако на една тезга истовремено се продаваа: време, љубов и среќа, а вие имате можност од тие три да одберете едно, кој ќе беше вашиот вистински избор? Одговорете најискрено. Точно е дека сите три понудени нешта не можат да се купат со пари и речиси се повредни и од највредното злато. Иако не се купуваат ја одигруваат можеби најважната улога во нашите животи.
Речиси секогаш сме во потрага по едно од нив. Со една разлика што сите ние веќе ги имаме во себе (времето постои и независно од нас како мерна единица, но и претставено како должина на нашиот животен век), а љубовта и среќата некогаш знаеме да ги побараме во некој друг или во нешто друго. Убаво е кога ќе имаме со кого да ги споделиме сите три, но не смееме да заборавиме љубов и самите да си дадеме, во вид на топол збор или грижа за себе.
Што не се купува со пари?
Не смееме да заборавиме дека најскапите нешта не се купуваат со пари. Меѓу нешта кои не можеме да ги купиме се вбројуваат и: здравјето, достоинството, почитта, слогата, великодушноста, манирите, културата итн.
Кога ќе седне човек да размисли постојат толку многу нешта што ги имаме во себе и околу нас, што имаат огромно влијание, а се невидливи како такви. Тие нешта можеби не се видли за око како такви сами по себе, но се чувствуваат, се покажуваат, се прикажуваат. Истите се доживуваат и оставаат печат и белег врз нас, но и другите. Не можеш физички како предмет да ја допреш културата, но можеш да се однесуваш културно. Можеш да забележиш кога некој се однесува некултурно.
И некултурата не се купува со пари, таа се учи, се стекнува. Може да чини пари ако се направат материјални штети како последица на некое некултурно однесување. Но и те како е видлива, грда за око и опасна по слух.
Нормално дека не измислив топлга вода и знам дека сè ова што го прочита веќе го знаеше. Мојата цел беше да го задржам твоето внимание за да можеш на момент да размислиш за најважните нешта во твојот живот. Размисли колку си благословен што можеш да бидеш благодарен за сè што имаш. Ако ги имаш најважните работи што не се купуваат со пари, ти имаш речиси сè и не ти недостига апсолутно ништо!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.