На Е.
Чекај ме на старото место,
ќе бидам таму, ти ветувам,
иако никогаш нема да дојдам.
Не доаѓај ни ти,
просто и простум чекај ме.
Не биди нестрплива,
не гледај во часовникот,
зашто предолго е сега нашето време.
Не обидувај се да ми простиш,
бесполезно е, и самата знаеш.
Просто и простум чекај ме,
како во топлите септемвриски квечерини,
ќе бидам таму, верувај ми,
иако работата не е за верување,
зашто и кога ќе се сретнеме,
само ќе се разминеме,
и никогаш повеќе
нема да се препознаеме.
Симеон Јанков
(На 3 август 2020, како за септември 2000)